Драги мои, после 12 години, изминати од потпишувањето на Охридскиот Рамковен Договор, за жал, денес слободно можеме да констатираме дека истиот не даде никакви интегрирачки елементи за етничката заедница на Египќаните во Република Македонија. Секоја анализа во процесот на спроведување на Охридскиот Рамковен Договор ќе ве доведе до ноторниот факт дека ниту еден деклариран Еѓипканец, не е вработен во институциите на системот, а недај боже, да помислиме да биде унапреден во својата професионална кариера. Дискурсот на прашања, кои се поставуваат во таа насока, имаат и тоа како комлексен карактер, имајќи ги во предвид содржината и духот на тој по мене, Договор за „мир во куќа“ помеѓу најголемите етникуми во државата, која патем е мултиетничка, мултиконфесионална, мултијазична, мулти, мулти, мулти… Но, дали тоа, драги мои, мулти…, е само покритие за вовед во бинационален карактер на државата, која на долг рок, дефинитивно би значело крахирање на сите основи на кои денес, како така, опстојува нашата заедничка држава, или преставува фундаментот, на кои сите ние, како граѓани на ова наша заедничка татковина треба да инвестираме како врвен приоритет, да го потхраниме и да се вложиме максимално, бидејќи само со таков пристап, искрен, храбар, со голем ентузијазам, големо знаење и мудрост, и потврдена лојалност кон институциите на системот и почитување на државата, и по хоризонтала и по вертикала, инвестирање во еднаквиот пристап кон заедничките ресурси и добра, солидарноста, хуманизмот и промовирање на взаемното почитување на човековите битиа, онакви какви што ги дала мајката природа и нивните основни човекови права и слободи и конечно задавање на „челичниот удар“ кон оние кои го фаворизираат принципот на т.н. „битка кон невозможното“ со воведување и максимално ефектуирање на ТОЛЕРАНЦИЈАТА, која не претставува ништо друго, освен спремност на индивидуата да го прифати различниот од себе, без никакви условување и слобода на духот. Перцепцијата на објективната стварност, дека различностите се богатство, а не некаков измислен „проблем“ е перцепција која е во насока на продефилирање на демократските вредности и слободата во сите нејзини димензии, без исклучок и компромиси. Република Македонија, отсекогаш ја краселе добрите и релаксирачки меѓучовечки и меѓуетнички односи, почитување на различните верски убедувања, рамноправноста и еднаквоста, но никако „НЕ“ трпење на „малите етникуми“ за инересот на навидум „големите“. Тоа, ниту е природно, ниту може да вроди со плод, на долгорочен план. Тоа, единствено води само кон практична примена на „теоријата на сила“ која води кон хаос, страдања, и ништо повеќе. Денес, драги мои, имаме неколку вработени Египќани, согласно Охридскиот Рамковен Договор, но кои претходно се произнеле или како Роми или како Албанци, постапување на начин кое го уништува човековото достоинство, и кој дефинитивно дава една „лажна слика“ за процентуалната дефинираност на етникумите во државата. Со таа методологија, драги мои, не се исполнува целта на Охридскиот Рамковен Договор, пребиени се содржината и духот на истиот, а токму тој договор потпишан во Охрид, треба да го иплементира мултиетничкиот и мултиконфенсионалниот карактер на државата, а не да биде извор на дискриминација и „потикнувач“ на процесот на асимилацијата на Египќаните, кои со своите активности, пред се на културен план, ја потврдуваат својата автентичност и автохтоност.
Во насока да се елиминираат ваквите крајно недемократски дејанија, треба да се „прошират“ рамките на Охридскиот Рамковен договор, бидејќи на ова ниво, Еѓипканите како посебен, автентичен и автохтон етникум не можат да бидат задоволни, бидејќи освен Охридскиот градоначалник д-р Никола Бакрачески, малку по број се политичките функционери, кои конретно и со конкретни мерки сакаат да им помогнат на Египќаните во Македонија. Точно е, дека Египќаните имаат политичка историја, која неповратно говори, дека истите гравитирале во континуитет десноцентристички, како што е точно и тоа дека, одсекогаш ја имале поддршката од партиите кои исто така гравитирале десно од центарот. Точно е дека дека за нашите проблеми, непосредно слушнале и Претседателот и Премиерот на државата, кои давале декларативни поддршки, и ние, и до ден денес веруваме во нив. Токму тие релевантни политички субјекти и функционери, сега и веднаш ја имаат историската можност, да му излезат во пресрет на мојот народ, бидејќи, на тој начин си помагаат и себе си, во еден легитимен политички процес, секако со примеси на граѓанскиот концепт, кој дефинитивно би било во интерес на сите граѓани на Р.Македонија, без разлика на нивната национална, верска, или било која припадност. Тоа, е мојата визија, за МАКЕДОНИЈА, како заеднички дом на сите нејзини граѓани, како рамноправни, слободни, еднакви, и конечно среќни граѓани. Таа е природната слика на мојата татковина Македонија, се друго е неприродно и неприфатливо.
Денес, сите ние, добронамерни граѓани, треба да прашуваме што всушност правиме за нашата заедничка држава, а не што државата прави за нас. Таа, направила доста, понекогаш го прави и тоа, што мора, притисната, уценета, таа сепак достоинствено се држи на нозе, државата е силна, онолку колку нејзините граѓани ќе ја „јачат“ нивната лојалност кон неа, искрено, со доверба и со надеж, дека истата ќе биде посилна и посилна и посилна, секој нов ден, бидејки има свои лојални граѓани, таа понекогаш и не е во состојба да спроведе „праведност“, но тоа е само моментално, но не заборава истото да го искорегира и да го валоризира, кон нејзините лојални граѓани.
Секој процес, бара време, но и големо трпение, и верувајте драги мои, вреди да се биде трпелив, бидејки на крајот, правдата победува, а тогаш е послатка, а ние, како Египќани, од време на време, ќе потсетиме дека сме тука, колку да не не забораваат, бидејќи ние сме тука, сме биле, сме и ќе бидеме дел од ткивото на Македонската држава.
Демир Далип, овластен претставник на Египќаните за надворешна соработка
*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.