Шекеринска: Европската порака е пратена, Македонија е тргната по опасен пат

Заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, денес одржа прес-конфернција, на која истакна:

„Власта ја доведе Македонија во ќорсокак. Тоа денес го потврди и Европската комисија. Извештајот е драматично покритичен во однос на истиот минатата година. Оценките се драстично полоши во однос на сите од соседството. Ова не е извештај за напредок, туку извештај на назадување и растечка загриженост.

Ќорсокак, владин неуспех, назадување, чекори назад – тоа се зборовите кои доминираат во само една страна на резимето за Македонија.

Владините неуспеси во клучни области ги загрозуваат реформите, со видливо НАЗАДУВАЊЕ во некои области. Се зголемува ПОЛИТИЗАЦИЈАТА на државните институции и ВЛАДИНАТА КОНТРОЛА врз медиумите. Постои сериозна загриженост поради владината контрола врз јавните институции и медиумите. Селективна правда… Ситуацијата со медиумските слободи продолжува да се ВЛОШУВА. Веродостојни докази за притисок врз вработените во администрацијата за време на изборите. Растечки долг и неплатени владини обврски кон фирмите. Корупцијата останува сериозен проблем. И како резиме: ЕК жали за НАЗАДУВАЊЕТО во последнава година.

Она што порано ЕК го кажуваше срамежливо, сега се критикува јасно, гласно и директно. И нема дилеми кој ја носи одговорноста за ваквите состојби.  Нема веќе дипломатски ракавици, нема завиени формулации. Европската порака е пратена: Македонија е тргната по опасен пат.

Препораката е условена: власта мора да се справи со растечката политизација, зависното судство и слободата на медиумите за да се зачува европската шанса.

СДСМ ја дели загриженоста на македонските граѓани, а сега и на Европската комисија за катастрофалните тенденции во државата (судство, администрација, медиуми, јавен долг). 

Кога истиве работи ги говореше СДСМ, велеа дека измислуваме и преувеличуваме. Кога сега тоа го пишува Европската комисија, најверојатно нема да го читаат и ќе го премолчуваат.

Фактот дека ова говори за целосниот дебакл на Владата на Груевски на домашен и европски план не ни олеснува, туку не мобилизира.

Ќе продолжиме да говориме на овие теми и покрај молкот на власта. Ќе продолжиме да ја вршиме нашата задача и да инсистираме на клучните 5 теми на кои власта, особено по овој Извештај, има обврска да преговара: медиуми, двоење на државата од партијата, попис, чесен изборен процес  и техничка влада која ќе го овозможи тоа.“- истакна Шекеринска.