Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во содејство со Царинската Управа на Р. Македонија –специјални царински мобилни единици реализира случај на недозволена трговија со наркотична дрога – марихуана со висок квалитет, при што запленети се 138,936 килограми марихуана со што е пресечен меѓународен нарко-канал од Р.Македонија преку Р.Бугарија до западноевропските земји.
По спроведена повеќемесечна истрага раководена од надлежен Јавен обвинител од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција во која се применети посебни истражни мерки, вчера (17.12.) околу 10,30 часот на ГП “Делчево“ на излез од Р. Македонија, од страна на полициски службеници од СНТД и службеници од Царинска Управа на РМ, извршен е претрес и преглед во ТМВ марка МАН-влекач и приколка со велешки регистерски таблици управувано од лицето Т.Д. (31) од Велес. При претресот над ТМВ во делот наменет за товар во приклучното возило, во внатрешноста на 56 даски кои се користат за придржување на товар и кои се наоѓаат на самите страници -конструкција од приколката во специјално изработени шуплини во даските пронајдени се вкупно 280 пакувања со од по околу 500 грама марихуна во секое, така што во една даска вкупно биле сместени по околу 2,5 килограми марихуана.
Според досегашните сознанија од истрагата лицето А. С. (48) од Велес во текот на оваа година стапил во контакт со лицето Р. К. (40) од Скопје, и по негови инструкции заедно со лицето М. Т. (22) од Велес организирале транспорт на марихуна на релација Р.Македонија за западноевропките земји на тој начин што по добиени инструкции A.С набавил ТМВ кое заедно со М. Т. го регистрирал на фирма во негова сопственост, со цел со истото да изврши транспорт на поголема количина марихуна. За таа цел лицето Р.К. во текот на декември годинава набавил марихуана заради натамошна продажба и ја однел во својот дом каде во 56 претходно специјално изработени – издлабени дрвени даски ја сместил марихуаната. Потоа гореспоменатите даски Р.К. и А.С. ги замениле со постоечките даски во ТМВ набавено од А.С со кое требало да се изврши транспортот на марихунаната. Од нивна страна е ангажирано лицето Т. Д. (31) од Велес за да го изврши транспортот.
Според првичните резултати од вештачењето на дрогата во Одделот за криминалистичко технички испитување и вештачења при МВР утврдено е дека се работи за висококвалитетна марихуана. Запленетата количина на марихуана на нарко пазарот во западноевропските земји на големо би достигнала цена од околу 560.000 евра, а при продажба на мало околу три пати повеќе.
Во врска со спроведената акција извршени се четири претреси од кои три на подрачје на СВР Велес и еден претрес на подрачје на СВР Скопје. При претрес на дом кај лицето Р. К. во приземниот дел во куќата пронајдена се и повеќе електрични апарати, алати и хемиски средства кои служат за изработување и доработување на дрвени предмети и површини. Во една од собите на вториот кат од куќата пронајдени се 8 даски – талпи, додека во другата соба на истиот кат пронајдени се вкупно 2127 парчиња облека, и истите се предадени на царински службеници од Царинската управа на Р. Македонија за утврдување на потеклото на истата и превземање на понатамошни соодветни мерки, исто така утврдено е дека вршел кражба на електрична енергија.
Од страна на ОСОСК – СНТД до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција поднесена е кривична пријава против лицата Р. К. (40) од Скопје, А. С. (47), М. Т. (22), Т. Д. (31) сите од Велес поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело “неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори”, казниво по чл.215 став 3 од КЗ на РМ. Се преземаат мерки и активности за целосно расчистување на случајот, засега има индиции дека дрогата е по потекло од Албанија, а не се исклучува ни можноста групата да е поврзана со т.н. франкфурт мафија бидејќи дел од дрогата била наменета за Германија. Инаку лицата од порано се познати на службите а пријавани се за разни кривични дела (кражби, тешки кражби, одземање ПМВ, насилство, дела од областа на безбедноста на сообраќајот).