Во текот на 50-тата недела од 2013 година (од 09.12-15.12.2013 година), во Република Македонија, на групните пријави за грип се пријавени 153 лица со симптоми на грип.
Во споредба со бројот на заболени за 50-тата недела од минатата сезона (88), се бележи зголемување за 73,9%, а во однос на просечниот број заболени во изминатиот 10-годишен период (32), се регистрираат 4,8 пати повеќе заболени лица.
Вкупниот број на заболени од грип во републиката од почетокот на сезоната 2013/2014 (40 недела, 2013) заклучно со 50-та недела, изнесува 585 лица. Во овој период нема регистрирани смртни случаи асоцирани со инфекции со вирусот на грип.
Во споредба со истиот период минатата година (469), постои зголемување на вкупниот број на заболени лица за 24,7%, а во однос на просекот за истиот период во последните 10 години (139), зголемувањето на бројот на заболени во оваа сезона изнесува 4,2 пати.
Дистрибуцијата на заболените од грип по месеци, прикажана на Графикон 2, укажува дека во месец ноември има регистрирано најголем број на случаи со симптоми на грип (289). За првите две недели од месец декември, регистрирани се 214 заболени.
Најголем МБ во оваа сезона е регистриран во ПЕ Пехчево (34,7/10.000), а најголем број на заболени (121) се регистрирани на територијата на ЦЈЗ Тетово.
Бројот на заболени и морбидитетот по возрасни групи, во сезоната 2013/2014 е прикажан во Табела 1. Најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години (308), а најголем МБ (7/10.000 жители) кај најмладите – децата до 4-годишна возраст.
Во текот на 50-та недела, пристигнати се четири материјали за тестирање во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ и потврдено е присуство на инфлуенца вирус А/H1 во два материјали, а останатите два се негативни. Од почетокот на сезоната 2013/2014, во оваа лабораторија се пристигнати вкупно 16 хумани материјали од здравствените установи – од амбулантски и болнички лекувани пациенти, од кои 5 или 31,2% биле тестирани позитивни на вирусот на инфлуенца А/H1.
До крајот на 50-тата недела, против сезонски грип се вакцинирани вкупно 23.957 лица и потрошени се 99,9% од набавените вакцини во јавно-здравствените институции кои се овластени за вакцинација против грип.
Во извештајот за движењето на вирусот на грип во сезоната 2013/2014 во Европа, според информациите на електронскиот неделник на WHO – Euroflu за 49-та недела, активноста на вирусот на грип останува на пред-сезонско ниво, со спорадична детекција на вирусот главно во западните европски земји. Во текот на оваа недела, најголем дел од потврдените случаи се должат на инфекција со influenza A вирусот.
Во текот на 49-тата недела, бројот на позитивни резултати од тестираните примероци остана низок. Од тестирани 7.121 примероци од лица со заболувања слични на грипот (ILI), акутни респираторни инфекции (ARI), како и тешки акутни респираторни инфекции (SARI), само 106 или 1,5% биле позитивни за грип, а од нив 87% биле позитивни на influenza A, додека 13% на influenza B.
Од почетокот на сезоната се детектирани и типизирани 655 примероци на вируси на грип. Од нив, 26% се типизирани како influenza B и 74% како influenza A. Од influenza A типизираните наоди, 318 се субтипизирани – од нив 152 (48%) се A(H1N1)pdm09 и 166 (52%) се A(H3N2). Од почетокот на сезоната па до крајот на 49-та недела, три земји пријавија доминатен инфлуенца вирус за оваа сезона, и тоа: Норвешка (influenza A), и Италија и Турција (A/H3N2).
Почнувајќи од 40 недела 2013 година, 3 земји Германија, Португалија и Велика Британија (Англија) антигенетски диференцирала 12 вируси на грип: 10 (A(H1N1)pdm09) и 2 influenza B, а шест земји од европскиот регион (Шведска, Финска, Данска, Шпанија, Португалија и Норвешка) генетски диференцирале 33 различни подтипови на вирусот на грип (14 A(H3N2), 16 A(H1N1)pdm09 и 3 influenza B).
Слично како и во претходните недели, сите земји кои доставиле податоци за 49-тата недела од 2013 година, известуваат воглавно за стабилен тренд на ILI инфекциите, без или со ниска активност на вирусот на грип, што одговара на истиот период од минатата година.
Во земјите кои испратиле извештај за 49-тата недела, бројот на хоспитализирани болни од тешки акутни респираторни инфекции (SARI) останува на нивото од претходните недели и на меѓусезонско ниво.