Јанакиески: Кинеска компанија собира понуди за изградба на автопатите

Јавното претпријатие за државни патишта заедно со локалните самоуправи во текот на годинава има изградено 145 километри локални патишта во вредност од околу 800 милиони денари, информира директорот Љупчо Ѓеоргиевски.

На отворената владина седница тој оцени дека изградбата на локалните патишта се одвива според предвидената динамика.

„Изградени се вкупно 14 магистрални и локални патни правци меѓу кои се Ангелци-Вељуса-Водоча-Бањица, Струга – Дебар… во должина од 146 километри, за што беа одвоени една милјарда и 600 милиони денари. Паралелно се работеше и на изградба и санација на мостови во вредност од 90 милиони денари“, рече Ѓеоргиевски.

Според него, до крајот на годината ќе бидат завршени 580 километри локални патишта. Ѓеоргиевски заклучи дека има прогрес во изградбата на автопатот Демир-Капија Смоквица.

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески информира дека кинеска компанија собира понуди од домашните изведувачи за изградба на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево – Охрид.

„Кинеската компанија собира понуди од домашните изведувачи, согласно договорот да бидат 49 отсто македонски изведувачи. Се прави организација на терен. Она што следи е одобрување и потпишување на договорот на средства и во првиот квартал од 2014 да започнат градежните работи“, истакна Јанакиески