„Проектот „Купи куќа-купи стан“ го продолжуваме и во 2014 година. Досега имаме одобрено 228 апликации, 197 одобрени кредити за стан и 31 кредит за куќа. Во јануари ќе има објава за новите корисници“, ова на отворената владина седница го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Имаме, како што рече, задоволителен број на заинтересирани лица за добивање на поддршка од Владата.
„Имаме корисници на субвенции од сите градови во Македонија. Од Скопје има 151 корисник. Во општина Кисела Вода 59, во Аеродром 45, во Ѓорче Петров 27, во Гази Баба 7, во Карпош пет, во Чаир три, во Бутел три и во Центар има две апликации. Во Битола има 16 корисници на кредитот, во Струмица 12, во Куманово 10, во Гевгелија шест, во Кичево пет, во Радовиш и во Прилеп по четири…“, рече Ставрески и додаде дека се задоволни од одѕивот на граѓаните.
Преку овие кредити досега, како што рече, одобрени се милион и 444 илјади и 933 евра државна помош, за двата модели. Вкупните кредити што ги добиле граѓаните, се 7,4 милиони евра.
„Со нашиов проект „Купи куќа-купи стан“ се финансирале 12 отсто од вкупно одобрените станбени кредити во државата“, потенцира Ставрески и додаде дека годинава биле подобрени условите за кредитот во целина. Додаде дека поголема субвенција се дава за куќа, 75 отсто, а за стан 50 отсто.
Ставрески најави дека почесто ќе има објави во 2014 година.