Следната година планирано е Дојранското, Беровското и Мавровското Езеро да добијат пешачки патеки. На денешната отворена владина седница ова го истакна министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.
„Изготвен е проект за втората фаза за пешачка патека во Дојран. Досега реализиравме 2.800 метри пешачка патека, а во март или април планирано е да почне изградбата на втората фаза од 2.600 метри. Патеката ќе се протега од Стар Дојран кон Нов Дојран и со оваа втора фаза ќе бидат изградени вкупно 5,5 километри пешачка патека покрај Дојранското Езеро“, нагласи Јанакиески.
Покрај оваа патека, изготвени се проекти за пешачка патека покрај езерото во Берово, во должина од 1.680 метри и покрај Мавровското Езеро во должина од 2,5 километри.
Јанакиески посочи дека за сите проекти се обезбедени средства од буџетот. Од јануари ќе се распише јавен повик за ангажирање градежна компанија.
Овие патеки треба да бидат готови најдоцна до 2015 година.