Презентирана новата службена униформа за припадниците на АРМ

Во Домот на АРМ во Скопје денеска беше презентирана новата службена униформа за офицерите и подофицерите на АРМ, која, како што беше потенцирано, одговара за сите годишни времиња и се постигнува подобра елеганција. 

Во изработката на униформата во темно тегет боја, учествувале и повеќе модни дизајнери и стручни соработници, а изработувач на прототипот е АД „Тетекс“ – Тетово.

Комплетот службена униформа (панталони, кошули, палто, капут, шапка, вратоврска…) за мажи во моментот чини 16.265 денари, додека за жените 18.125 денари. Пресметките покажуваат дека за целосно опремување на припадниците на АРМ со новата службени униформи ќе чини 45 милиони денари.

Како што беше појаснето на презентацијата, униформата главно ќе биде изработена од 65 проценти волна и 35 полиестер.

Министерот за одбрана Талат Џафери меѓу другото истакна дека во наредниот период ќе се работи на конечната одлука за составот на материјалот што треба да биде, особено за кошулите, за изработката на новите службени униформи на припадниците на АРМ.

„Ние дел од финансиските средства во буџетот за 2014 година ги имаме обезбедено за првичните работи околу матерјалот и почетната можеби количина за првите униформи до крајот на 2014 година, во првата половина од 2015 година да се заокружи процесот за целиот состав и за Денот на АРМ во 2015 година да биде заменета старата со новата униформа“, рече министерот Џафери.

Тој потенцира дека согласно измените во Законот за јавни набавки кој влегуваат во сила од јануари 2014 година, МО ќе има обврска при водење на јавната набавка да обезбеди конкуренност за пријавата за набавка.

Со динамичкиот план на опремување на припадниците на АРМ ќе се отпочне во 2014 година. Во 2014 и 2015 година, најави началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Котески, се планира да се изврши целосно опремување на припадниците на АРМ со новите службени униформи. Најпрво ќе биде произведено платното, кое по составот и квалитетот е најслично со платното од кое е изработена германската службена униформа.

Генерал-потполковник Горанчо Котески е лично убеден дека новата службена униформа по изгледот, дизајнот и квалитет е подобра од досегашната. Тој појасни дека самата изработка поминала низ неколку фази при што се консултирани меѓу другите и припадниците на АРМ во однос на квалитетот, дизјанот и чувството да се биде во таа униформа.

„Платното настојувавме да биде произведено во Република Македонија. Бојата е избрана според анкетите направени меѓу припадниците на АРМ. Изработката на шапките затоа што е малку специфична, најверојатно ќе биде надвор од Република Македонија“, нагласи Котески.