Прашањата за екстерното тестирање ќе бидат достапни вечер по 21 часот

Државниот испитен центар вечер по 21 часот на веб-страницата www.prasanjaeksterno.dic.edu.mk ќе ги објави прашањата кои ќе бидат на екстерното тестирање на 22-ри и на 24 јануари за учениците во завршна (трета или четврта) година од средното образование.

Директен линк до базата со околу 60.000 прашања ќе има и од веб-страниците на Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и Центарот за стручно образование и обука, а на своите сајтови ќе ја преземат и средните училишта. 

Бројот на прашања по наставен предмет зависи од тоа колку е тој застапен неделно, така што за предмет што учениците го имаат еднаш во неделата, во просек ќе има околу сто прашања. Двата предмета по кои  ќе бидат тестирани, ќе бидат објавени на список три дена пред полагањето (19 јануари).

Оперативно системот бил подготвуван речиси два месеца и неговата функционалност МОН денеска ја презентираше пред медиумите. Достапен е на три јазици (македонски, албански и турски), има опции за гимназиско или стручно образование, избор на насока (во полето наставен план) и сите предмети од соодветната насока (во полето наставна програма). За системот да не се оптоварува со истовремено користење, прашањата се во ПДФ-формат и со можност да се преземат.

До 10 јануари ќе може да се  пријавуваат неправилности или нелогичности во прашањата и сите издржани забелешки ќе бидат разгледани и коригирани од стручен тим. За општи забелешки, пак, кои се однесуваат на проблеми со функционирањето на системот, ќе може да се интервенира во полето контакт.

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски очекува дека новиот пристап значително ќе им го олесни екстерното тестирање на учениците кое, како што рече, повеќе нема да се доживува стресно и како табу-тема.

„Задоволен сум од сработеното и од тоа како треба да изгледа целиот систем за да биде многу подостапен. Прилично е унапреден кон потребите на учениците. Очекувам зголемен пристап до базата во наредните денови… Во просек има околу 2.000 до 3.000 прашања по ученик и во зависност од бројот на часовите по соодветен предмет, ќе има од 200 до 400 прашања кои еден ученик ќе треба да ги знае во двата дена на полагањето“, рече Ристовски.

Тој повика сајтот да го посетуваат само учениците и засегнатите лица, а оние на кои прашањата не им се од интерес да не ги отвораат, за да нема технички проблеми.

Министерот нагласи дека идниот месец екстерно ќе бидат тестирани само учениците во завршна година средно образование, за да имаат пет месеци време за подготовка за полагањето државна матура. Сите други ученици во основно и во средно образование ќе бидат тестирани пред крајот на учебната година.

Проектот екстерно тестирање МОН го воведе минатата 2012/2013 година, кога од 27 мај до 10 јуни беа тестирани околу 200.000 ученици. Целта на тестирањето е да се провери дали наставниците објективно го вреднуваат знаењето на учениците.