Уште 1.000 деца од семејства со социјален ризик и деца корисници на посебен додаток, со пречки во развојот и деца без родители и родителска грижа ќе можат да ја искористат можноста да зимуваат на товар на државата за време на зимскиот распуст од 4 до 19 јануари 2014 година.
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов на денешната прес-конференција информираше дека во тек е повикот за користење на бесплатната услуга кој завршува на 3 јануари 2014 година и ги повика сите заинтересирани корисници да поднесат барање до надлежниот Центар за социјална работа, според местото на живеење.
„Водени од верувањето дека секое дете треба да има можност да ужива во благодетите на летниот или на зимскиот одмор Владата на Република Македонија преку Министерството за труд и социјална политика веќе две учебни години наназад го реализира проектот “Користење на бесплатна услуга за одмор и рекреација на 3.000 деца од семејства во социјален ризик и деца корисници на посебен додаток“. Целта на проектот е социјално интегрирање на овие деца за време на летниот и зимскиот распуст, за што Министерството за труд и социјална политика целосно ја презеде обврската за покривање преку буџетските средства“, рече Спасов.
Оваа услуга, појасни, можат да ја користат деца од семејства корисници на социјална парична помош, постојана парична помош и деца корисници на посебен додаток, односно децата – редовни ученици во петто, шесто, седмо и осмо одделение во учебната 2013/2014 година. Услугата може да се користи во текот на зимскиот распуст во 2014 година, во траење од шест дена.
„Услугата на бесплатен одмор и рекреација за деца опфаќа 5 полни пансиони (ноќевање, со три оброка дневно) и едукативни, забавни и спортски активности. Превозот на децата ќе биде бесплатно организиран, а децата со пречки во развојот имаат право на придружник“, рече Спасов.
Првата група деца ќе замине на 4 јануари 2014, а проектот ќе се реализира до 19 јануари 2014. Децата ќе се рекреираат во туристичкиот комплекс на Пелистер.
За реализација на овој проект се обезбедени средства во износ од 11.637.000 денари.