Поради постоење основи на сомнение за сторени осум казнени дела „тешка кражба“, СВР Охрид поднесе кривична пријава против М.А.(41) од битолското село Велушина и М.С.(53) од струшкото село Ливада.
Пријавените, во текот на минатиот месец казнените дела ги извршиле во неколку деловни објекти, куќи и станови во Охрид како и во две цркви во Косел и Лескоец. На тој начин, М.А. и М.С. се стекнале со противправна имотна корист од 429.900 денари.
Во извршувањето на казнените дела, пријавените користеле хебла, клешти, метална ножица за сечење арматура и друг подесен алат со кои ги кршеле бравите и катинарите од влезните врати на неколку земјоделски аптеки, продавници и домови во Охрид. На ист начин насилно влегле во црквата „Св.Илија“ во селата Косел и „Св. Наум“ во Лескоец. Насилно влегувале во внатрешноста на објектите, пребарувале и одземале пари, цигари, колонијална стока, одзеле една хилта, еден агрегат и моторна пила.
При крајот на минатиот месец, СВР Охрид кај првопријавениот пронајде метална ножица за сечење арматура, една хебла, а при претрес на автомобил марка „Лада“ сопственост на второпријавениот пронајдени се пластични и платнени нараквици, клешти, хебла, мала секира, и друг алат и подесен прибор.
Пронајдените предмети се одземени и предадени на вештачење во Министерството за внатрешни работи во Скопје.