Се намалува долгот на Општина Охрид и со забрзано темпо се реализира процесот на легализација на дивоградбите

Локално раководство предводено од градоначалникот Никола Бакрачески за период од април до  декември 2013 година, најмногу работело на репрограмирање на долгот на Општината и градење стратегија за враќање на истиот, како и  излез од затекнатата тешката финансиска состојба.

Градоначалникот Бакрачески денес  детално  објасни зошто  новото раководството минатиов  период  пред се  било сконцентрирано на враќање на долговите.

„Јас и во овој момент ќе кажам дека излегување од тешката финансиска криза е суштинска работа на Општината од која произлегува и ритамот и брзината на реализација на сите проекти и  ветувања. Од тоа зависи и опстанокот на Општината.  Успеавме да го намалиме долгот за овој период  од неполни девет месеци колку што сум  јас градоначалник на Охрид. Не би спомнувал конкретни бројки со оглед на тоа што станува збор за динамичен процес кој се менува  од ден на ден  затоа што ние во исто време преговараме , склучуваме договори за повлекување на извршните решенија што автоматски значи намалување на долгот по основ на камати и основни долгови. Но во исто време враќаме долгови по однос на доспеани а не тужени обврски . Преговараме и со оние компании кои што имаат судски спор со општина Охрид за кои што немаме извршно решение односно судскиот спор не завршил . И секако тука се и секојдневните обврски кон кои е обврзана Општината.  Значи станува збор за динамичен процес  поради што  не можам да спомнам  точна бројка, но едно е сигурно и точно дека долговите на Општина Охрид се намалуваат  и ние веќе започнавме со редовно исплаќање на  долговите кон оние компании со кои веќе потпишавме договор за повлекување на извршните решенија. А потенцирам и дека постојано и  редовно ги исплаќаме обврските кои што тековно на дневна основа пристигнуваат во Општината. Најважно за мене како градоначалник  а и за охриѓани е можноста  да се одблокира  општинската сметка, затоа што по основ само на камати долгот на Локалната  расте за 14 000 евра на ден. Тоа значи дека и колку Општината да ги враќа долговите  по основ на другите обврски кои настанале , доколку не се одблокира сметката  , овој долг тешко дека ќе може значително да се редуцира.“ – изјави градоначалникот Никола Бакрачески кој е оптимист и верува дека Општината ќе излезе од финансиската криза.

Денес градоначалникот потенцира дека со забрзано темпо  во последниве 8 месеци се  реализира процесот на легализација на бесправно изградените објекти во Охрид.

„За овој релативно краток период  Локалната успеала да спроведе околу  1 000 решенија за легализација што споредено со изминатиот период е многу ако се земе во предвид дека  за   две години минатата локална власт  издала  само 600 решенија за легализација“, потенцира Градоначалникот.

Инаку денес Бакрачески се осврна и на безбедносната состојба во Охрид и укажа дека по податоците кои ги добил од МВР истата е сигнификантно подобрена во последниве неколку месеци. Драстично е намален бројот на нарушувања на дневниот ред и мир. 

Градоначалникот истакна и дека на  барање на Здружението на авто-превозниците на Охрид,  Локалната започнува постапка за  намалување на  давачките  за издавање на лиценца за користење на такси превоз кој што од 40 000 се намалува на 10 000 денари.