Дедо Мраз им додели пакетчиња на социјално ранливите категории охриѓани

Во рамки на новогодишните активности, а во знакот на предвидените мерки за социјална  заштита и грижа, денес Општина Охрид, во соработка со Општинската Организација на Црвен крст, во просториите на ДУТУ „Ванчо Питошески“ организираа новогодишен ручек и забава за ранливите категории лица од Охрид.

Во име на Општина Охрид, новогодишните празници на оваа категорија луѓе им  ги честита претседателката на Советот, Гордана Коњаноска, посакувајќи им добро здравје, семејна хармонија и решавање на социо-економскиот проблем во 2014 година.

„Големо е задоволството да бидам дел од ова дружење и настан кое што се организира во насока на тоа сите заеднички да ја почувствуваме магијата на празниците кои што доаѓаат, да обезбедиме моменти на релаксираност  и радост, моменти во кои за миг ќе заборавиме на она што ни се секојдневни грижи“, рече Коњаноска потенцирајќи дека новото Локално раководство неуморно работи на создавање услови за  подобрување на економскиот статус на охриѓани.  

„Локалната самоуправа е со постојана тенденција суштински да ги решава проблемите на сите ранливи категории односно на сите единки од нашето општество  и тоа е во насока на подобрување на економскиот амбиент, отворање на нови работни места  а со тоа суштинско решавање на проблемите кои што ги тиштат овие категории луѓе“, истакна Коњаноска.

На радост на најмладите, Коњаноска заедно со Секретарот на Општината, Димитар Спасески и директорите на неколку јавни претпријатија, доделија новогодишни пакетчиња. Во знакот на новогодишните празнувања дружењето продолжи со Дедо Мраз кој ги забавуваше, играше и пееше со децата кои присуствуваа на случувањето.

Socijalni_paletcinja_4851 Socijalni_paletcinja_4852 Socijalni_paletcinja_4853