Драги мои, сите ние, како човечки битиа, ги броиме последните денови на годината, која полека, но сигурно, не отпоздравува и се разделува со сите нас, притоа ни го приредува последниот танц со неа, за некои проследен како „танцот со ѕвездите“, а за некои како последен танц со темнината.
Традиционално, при крајот на секоја година, сите ние, резимираме што сме направиле, дали и до кое ниво сме ги реализирале поставените цели и приоритети, дали сме во насока на позитивно остварување, или пак се движиме во надолна линија или пак тапкаме на место. Секој, на свој начин. За некои, годината што не отпоздравува, била среќна и плодоносна, за некои не, за некои поттик за одење напред, за некои година на разочарување, но и надеж дека наредната ќе биде подобра.
Дозволете ми, во овие неколку последни денови од 2013, да ја напишам и мојата последна Колумна, за оваа година, Колумна посветена на Египќанското прашање и на Р.Македонија. 2014 година, дефинитивно ќе биде година „ДА СЕ БИДЕ ИЛИ НЕ“ за Египќаните во Р.Македонија. Ако резимираме што ја проследи 2013 година, во однос на Египќаните во Р.Македонија, тоа се сведува, на два потврдени резултати, драги мои и тоа:
Прво. Максимално ангажирање и учество на Египќаните во изборните процеси (мислам на Локалните избори), со мнозинска и искрена поддршка на владеачката ВМРО-ДПМНЕ, претежно во градот Охрид, имајќи го во предвид понудениот кандидат д-р Никола Бакрачески, кој важи за голем поддржувач на Египќанскиот етникум, Ресен, Битола, Прилеп и.т.н.
Второ. Упорната и на моменти „оправдано-умерено агресивна“ афирмација на Египќанското прашање, претежно форсирано од авторот на ова Колумна, и толку.
Пишувајки ја ова Колумна, се присетувам, колку труд, искреност, потреба од помош, саможртвување, понесов со себе, а се со цел да излезе на виделина проблемот наречен „Египќанското прашање“ во Р.Македонија.
Се присетувам, како одредени портали, едноставно не сакаа „да слушнат“ за објавување на одреден став по однос на прашањето на Египќаните во Р.Македонија, како и оние, кои со крајно позитивна енергија, отвореност, пријателски поглед и желба да им помогнат на Египќаните во Р.Македонија, во нивната перманентна легитимна борба, за остварување на нивните човекови права и слободи и процесот на институционална интеграција. За тоа, од длабочината на срцата на над 30.000 Египќани во Р.Македонија, им благодариме, додека на останатите им посакуваме, се најубаво во годината што доаѓа, без разлика што не поддржувале или не, тоа зборува за нив, за нивната општествена одговорност и отвореност кон сите граѓани на оваа држава.
Драги мои, дозволете ми да се навратиме на „Египќанското прашање“ и зошто 2014 година, ќе биде година на „ДА СЕ БИДЕ ИЛИ НЕ“ за Македонските Египќани.
Ако направиме една мала ретроспектива, на сите мои изнесени ставови, барања, предупредувања, како овластен претставник на Египќаните за надворешна соработка, заедничкиот именител е ТОТАЛНА ИНСТИТУЦИОНАЛНА НЕИНТЕГРИРАНОСТ И НЕДОСЛЕДНА ПРИМЕНА НА ОХРИДСКИОТ РАМКОВЕН ДОГОВОР, а основот на горенаведеното е фиксно позиционирано во неспомнувањето на Египќаните во Уставната Преамбула. Но што и како понатаму? Ова е прашање, кое треба да го постави секој Египќанец, прашање од кое зависи иднината на идните млади генерации на Египќани, кои за среќа, ги има се повеќе со стекнато високо образование. Тоа, дефинитивно драги мои, е прогрес, но и процес кој неповратно се движи напред, без разлика на сите опструкции кои доаѓаат од одредени центри на моќ. Во таа насока, ужасно тешко и многу крвав ќе биде процесот на реализација на проектот „Формирање на Политичка Партија на Египќаните во Р.Македонија“, која како своја основна идеолошка матрица би требало да го има десноцентристичката идеологија, со примеси на граѓанскиот концепт, притоа потпирајќи се на вистинските и влијателни пријатели на Египќаните, од нивото на еден модерно продефилиран политичар, како што е Градоначалникот на Охрид, д-р Никола Бакрачески, и сите оние кои се препознаваат како искрени пријатели на мојот народ, едноставно поддршка и помош од сите релевантни политички чинители, но истовремено и мобилизација на сите расположливи човечки ресурски, внатре во самиот етникум, со посебен акцент на интелектуалците. Таа е патеката, но и дефиниран приоритет, по кој треба да се движат Египќаните, паралелно со безрезервна поддршка на институциите на системот, во насока на интегрирање на припадниците на овој етникум.
Драги мои, самата неинтеграција, создава елементи на дискриминација, па ако денес се поставува прашањето кој се најдискриминирани граѓани во Р.Македонија, одговорот е еденоставен ЕГИПЌАНИТЕ, како колективитет, и како посебен етникум. Но таа неприродна и неправична позиционираност треба и мора да се промени, да се инвестира во Египќаните е еднакво како да се инвестира во вистинските морални вредности, да се инвестира во стабилноста и евроинтеграциската насоченост на државата, да се инвестира во стабилноста и релаксираните меѓуетнички односи. Р. Македонија, има таков капацитет да го направи тоа, тоа е во нејзин интерес, и не треба да си дозволи да ги маргинализира малите етникуми, бидејќи на тој начин, се создава простор за оживување на радикалните елементи во општеството, што во овој момент, а и во блиска па и подалечна иднина, не ни е потребно.
Како човек, како лојален граѓанин на ова наша заедничка татковина Р.Македонија, сум непоправлив оптимист, и како таков, без разлика на ниските удари, отпори, притисоци, закани, омаловажувања, јас, одбрав да го одиграм „танцот со ѕвездите“ во последните денови, на годината која ни наговестува разделба, со искрени желби, на мојата татковина, нашата заедничка татковина, Р.Македонија како и на сите нејзини граѓани да им посакам среќна, успешна, бериќетна 2014 година, година во која насмевката ќе ја замени тагата и очајот, светлината ќе ја замени темнината, спокојот ќе го замени неспокојот, и мирот ќе го замени немирот во душите на човечките битиа. Нека не водат позитивната мисла, борбата за подобра иднина и просперитетот како на индивуата така и на државата.
Со почит, Демир Далип, овластен претставник на Египќаните за надворешна соработка и предводник на движењето ОПЕМ
*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.