Општина Охрид со реакција во врска со линискиот превоз

Во врска со соопштението на ВМРО-НП од Охрид, а кое се однесува на воведувањето на две градски автобуски линии, Општина Охрид прецизира одредени моменти, кои како што велат, ВМРО-НП, тенденциозно ги премолчува.

„Точно е дека автобуските градски линии беа воведени од претходната локална власт, но исто така непобитен факт дека новата локална власт и градоначалникот Бакрачески, НЕ ГИ УКИНАА ИСТИТЕ. Имено, токму претходната Локална власт, краток период по издавањето на дозволите на АД ГАЛЕБ Охрид и „Димакс Експрес“ за превоз на патници, од само за неа познати причини ги промениле условите од јавниот тендер со што се зголемени трошоците на превозниците, па тие поради економска неоправданост дозволите за превоз САМИТЕ ги вратиле во одделението за сообраќај, односно прекинале со одржувањето на линиите за превоз на патници. По оваа новонастаната ситуација, градоначалникот Бакрачески и стручните служби, изготвија нови услови, кои по јавниот повик ќе бидат понудени на заинтересираните фирми и повторно ќе бидат воспоставени двете градски линии за превоз на патници.

Тое се фактите. Соопштението на ВМРО-НП, за некаква нивна иницијатива на која и придаваат историски димензии!?, а при тоа истата е упропастена од кадри на нивниот коалициски партнер – СДСМ, само го покажува нивниот минорен политички капацитет и влијание“. – стои во реакцијата од Општина Охрид.