Буџетот за култура за 2014 поголем за 11,6 отсто

Министерството за култура во 2014 ќе има буџет од 3,9 милијарди денари, што е за 11,6 проценти повеќе од 2013 година. Од вкупниот буџет, 1.009.681.000 денари се за програмските активности во дејностите од културата.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска е задоволна од оствареното во културата оваа година, во која Министерството поддржало над 2.500 проекти на национални и локални установи, здруженија, невладин сектор и на поединци.

„Тоа е показател дека проектите не само што се финансираат, туку и се реализираат. Имаме успешна, 100-процентна реализација на тоа што е предвидено во програмата и на приоритетите во сите дејности на културата. Многу е важно што културата зазема значајно место и што Владата има должна почит кон уметничките вредности во нашата држава, а тоа се гледа и од целокупната поддршка, во споредба со минатиот период кога културата беше на маргините“, рече Канческа-Милевска во отчетот за 2013 година.

Новиот објект на Македонскиот народен театар е најголема капитална инвестиција промовирана во 2013-та, а наредната година, најави министерката, ќе почне изградбата на уште три театри – Албанскиот, Турскиот и Струмичкиот театар, за кои се избрани изведувачите. Отворање се очекува на Археолошкиот музеј и на театарот во Велес, а ќе доврши градењето на концертната сала на Филхармонијата, кое беше стопирано поради стечај на австриската компанија „Алпине бау“. Избрани се две фирми за ентериер и за акустика на салата.

Националната стратегијата за развој на културата 2013-2017 и законите за филмска дејност и за поддршка на домашната музичка продукција, кои ќе се применуваат од 1 јануари 2014, се најзначајни документи донесени годинава. Првпат беше распишан конкурс за откуп на ликовни дела, а во 2014 првпат ќе има и конкурси за финансирање преводи на репрезентативни дела од македонската литература на странски јазици и за стимулирање на класичната музика.

Во отчетот министерката ги посочи остварувањата во издаваштвото (во кое годинава почна нова едиција – „Врвови на светската филозофја, историја и психологија со психоанализа“), во филмот, театарот, археолошките истражувања, музичко-сценската уметност, меѓународните претставувања (Брисел, Стокхолм, Марсеј, Џакарта, Пекинг, манифестациите Венециско биенале, Франкофонски игри во Ница, саемите на книга), заживување на киномрежата во 14 градови, вработување стручен и уметнички кадар во институциите, нови 11 национални пензии и уште една (трета) титула Национален уметник, измени и дополнувања на Законот за авторското право и сродните права…

Во врска со исчезнувањето на над 160 вредни експонати од Музејот на Македонија, Канческа-Милевска рече дека Министерството за култура соработува во истрагата што ја спроведува МВР, а напоредно прави и своја инспекција во сите други музеи.

„Ќе се преземат сериозни мерки. Не би давала какви било коментари додека не заврши истрагата. Пралелно со истрагата во Музејот на Македонија, во завршна фаза е инспектирањето на голем број останати музеи и заводи од инспекциските служби на Министерството за култура и ќе излеземе со целосен извештај“, рече Канческа-Милевска.

На прашањето дали таа ќе понесе одговорност за овој случај, одговори дека директорите и секој вработен имаат голема одговорност за чувањето, евидентирањето и изнесувањето на културното наследство и треба да ги спровдуваат законските процдури и правилници за соодветната дејност. – Министерството за култура и неговите вработени не се одговорни во однос на нешто што е одговорнст на самата институција, додаде министерката за култура.

За Законот за филмска дејност, кој националните телевизии бараат да биде повлечен, посочи дека е споредлив со законите во други држави и е во согласност со европската кинематографска дејност.

„Имавме средба на која националните телевизии не дојдоа, туку само кабелските оператори и Здружението на обложувалниците. Филмската продукција е значајна индустрија за секоја држава и сето ова што го правиме за промоција и подддршка на што поголем број филмови од домашната продукција ќе има огромен бенефит за телевизиите, за збогатување на нивните содржини и подигнување на свеста за македонското филмско творештво. Со измените на Законот за филмска дејност ќе им дадеме силна поддршка на филмските режисери и на збогатувањето на македонската кинематографија“, рече Канческа-Милевска во отчетот за 2013 година.