Се намалува возраста како услов за упис на факултет преку Проектот 35/45

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски на денешната прес-конференција информираше дека е направена измена во Проектот 35/45 преку кој веќе 4 години по ред на лицата на возраст од минимум 35 години за жени, односно 45 години за мажи, со претходно завршено четиригодишно средно образование и заснован работен однос на неопределено време, или пак невработени лица кои се пријавуваат во Агенцијата за вработување најмалку пет години, им се овозможува под одредени финансиски и други поволности да се запишат на студиски програми од прв циклус на студии на некој од државните универзитети во Република Македонија.

„Во интерес на граѓаните, од следната академска година проектот 35/45 се менува и ќе гласи проект 30/35. Одлучивме, границата на возраста на граѓаните како услов за учество во овој проект да се намали, со тоа што на некоја од понудените студиски програми ќе можат да се запишуваат лица над 30 години за жени, односно над 35 години за мажи“, – истакна Ристовски.

Одлуката за намалување на возраста како услов за упис на факултет преку овој проект е донесена врз основа на направените анализи со кои кај оваа возрасна група се утврдила голема заинтересираност за проектот.

„Досега преку овој проект, на високо образовните установи се запишаа вкупно 1200 лица, односно имаме искористеност на понудените квоти од приближно 50%. Очекуваме овие бројќи во иднина да се зголемуваат, затоа што анализите говорат дека и досега имаше интерес кај многу лица кои поради недоволна возраст не можеа да ги искористат бенефициите.“ – рече министерот Ристовски и додаде дека ова е шанса за сите нив, да си го подобрат и зголемат степенот на образование, а со тоа да станат повеќе вреднувани и платени онаму кадешто работат, или пак за невработените, да станат по конкурентни на пазарот на трудот.

Министерот Ристовски апелираше, особено до невработените лица, да се фокусираат на техничките науки, затоа што веројатноста за обезбедување на соодветен работен ангажман е многу поголема, поради дефицитарноста.

Владата на Република Македонија квотите за упис ќе ги соопшти во текот на месец април, додека посебните критериуми и услови за запишување на овие студенти, ги распишуваат самите високообразовни установи. Кофинансирањето на студиите останува 200 евра годишно.