Оваа година планирани се градби и реконструкции на повеќе болници, покрај комплексот клиники „Мајка Тереза“, најави денеска премиерот Никола Груевски. Ќе се реконструираат и градат кичевската, штипската и струмичката болница, како и болниците „8 Септемвври“, „Свети Наум Охридски“, детската клиника во Козле, а почна и градбата на ПЕТ-центарот во Скопје.
„Во 2014 предвидени се повеќе градби и реконструкции на други болници. Покрај комплексот клиники „Мајка Тереза“, на 8 јануари се објавува тендерот за градба на кичевската болница, како што ветивме пред неколку месеци, претпоставувам некаде на пролет ќе почне градбата. Исто така, годинава ќе се гради нова клиничка болница во Штип, а сегашната ќе биде вон употреба откако ќе биде изградена новата. Тоа е исто така крупен и сериозен објект, многу современ објект, значи сегашната, која што е од триесетите години, ќе биде заменета со нова“, рече Груевски.
Годинава, додаде, почнува сериозна крупна реконструкција на болницата „Св. Еразмо“ во Охрид, во тек е градбата на Детската клиника во Козле, почна градбата и на ПЕТ-центарот во Скопје за детектирање на онколошки и други заболувања.
Премиерот Груевски и министерот за здравство Никола Тодоров денеска го означија почетокот на проектот за нов клинички центар.