Со измените во Законот за персоналниот данок на доход и Законот за даночна постапка („Службен весник на РМ“, бр. 187/13), економските субјекти имаат обврска годишните извештаи – образец ПДД-ГИ, ПДД-ГИ/ОЗП и ПДД/ГИ-ЗП задолжително да ги поднесуваат по електронски пат преку системот е-Даноци https://etax-fl.ujp.gov.mk, најдоцна до 31 јануари 2014 година.
Годишен извештај за исплатените приходи во 2013 (ПДД-ГИ)
Eкономските субјекти (правно лице, трговец-поединец, занаетчија, лица кои вршат слободни занимања и др.) кои во изминатата 2013 година извршиле исплата на приходи на физички лица/граѓани имаат обврска по електронски пат преку https://etax-fl.ujp.gov.mk да поднесат Годишен извештај (образец ПДД-ГИ), најдоцна до 31 јануари 2014 година.
Во Годишниот извештај ПДД-ГИ, економските субјекти ги пријавуваат бруто-приходите на обврзниците, платениот персонален данок на доход и придонесите, како и вкупно исплатените нето-приходи во изминатата година по основ на: лични примања, авторски права и права од индустриска сопственост, капитал, имот и имотни права (закупнини), добивките од игри на среќа и други приходи за кои аконтацијата на данокот се плаќа по одбивка.
Годишен извештај за исплатените приходи при откуп на земјоделски производи во 2013 (ПДД-ГИ/ОЗП)
Економските субјекти пак кои вршеле исплати на граѓани во 2013 година по основ на откуп на земјоделски производи должни се по електронски пат преку https://etax-fl.ujp.gov.mk да поднесат Годишен извештај (образец ПДД-ГИ/ОЗП), најдоцна до 31 јануари 2014 година.
Во Годишниот извештај ПДД-ГИ/ОЗП, економските субјекти ги пријавуваат податоците за физичките лица од кои вршеле откуп на земјоделски производи, шифра на дејност од НКД според дејноста која ја обавува физичкото лице и износот на исплатениот приход.
Годишен извештај на организатор на зелен пазар за корисниците на продажни места на зелените пазари во 2013 (ПДД/ГИ-ЗП)
Економските субјекти кои организираат зелен пазар на кој се врши трговија на големо и мало, имаат обврска да ги пријават во УЈП корисниците на продажните места на зелениот пазар во изминатата 2013 година, со електронско поднесување на Годишен извештај (образец ПДД/ГИ-ЗП) преку https://etax-fl.ujp.gov.mk, најдоцна до 31 јануари 2014 година.
До 15 јануари – На граѓаните издадете им пресметка за исплатените приходи!
Економските субјекти кои вршеле исплати на граѓани и имале обврска да го пресметаат и уплатат персоналниот данок задолжително треба на граѓанинот да му издадат збирна пресметка за исплатените приходи, платениот персонален данок и придонеси во 2013 година, најдоцна до 15 јануари 2014 година.
Издавањето на збирна пресметка е законска обврска на исплатувачот на приход, врз основа на која граѓанинот, како обврзник на персоналниот данок на доход, ќе може точно и навремено да ги пријави приходите во Годишната даночна пријава.
Непочитување на законските рокови и обврски
Доколку до 31 јануари, економските субјекти не поднесат годишен извештај (ПДД-ГИ, ПДД-ГИ/ОЗП, ПДД/ГИ-ЗП), како и на граѓанинот не му издадат збирна пресметка за 2013 година, законот предвидува глоба во износ од 2.000 до 3.000 евра во денарска противвредност, а за направениот прекршок на одговорното лице на фирмата, ќе му биде изречена глоба во износ од 750 евра во денарска противвредност.