Доделени признанијата и наградите на сопствениците од трите најубаво украсени новогодишни дворови

 По спроведената акција на Општина Охрид, за „Најубаво украсен новогодишен двор или тераса“, денеска секретарот Димитар Спасески заедно со тричлената комисија што учествуваше во изборот, официјално ги додели признанијата и наградите на сопствениците од трите најубаво украсени новогодишни дворови.

 Првото место го освои Иванка Гигер од населбата „Радојца Новичич“, второто Ристо Димоски од селото Горно Лакочереј, а третата позиција беше за Фанија Станкоска чиј двор е  на улица „Сирма Војвода“ 94 од Охрид.

„Чест и задоволство е да се учествува во доделувањето на признанија за најубаво украсен двор“, рече Секретарот , Димитар Спасески.

„Како што знаете во рамки на програмата за одбележување на новогодишните празници Локалната објави оглас за најубаво украсен новогодишен двор. На огласот имаше огромен интерес, многу наши сограѓани беа заинтересирани да аплицираат на него, а воедно со нивните семејни куќи и дворови придонесоа Охрид да изгледа прекрасно како што изгледаше за новогодишните празници. Градоначалникот со посебно решение формираше стручна комисија која што ги посети сите апликанти, ги разгледа нивните дворови и семејни куќи и донесе одлука три дворови да добијат награди. Ќе ја искористам приликата да им честитам на добитниците на наградите но и на  сите учесници на огласот како и на сите охриѓани кои со своите дворови дале  личен пример како треба да биде украсен Охрид за новогодишните празници“, потенцира секретарот Спасески.

 Хавза Реџеп – Какељ која заедно со Томе Џамтоски и Јасмина Момироска на 30 декември минатата година во вечерните часови правеа обиколка и фото документирање на дворовите опиша како изгледал процесот на избор на најубавиот двор.

„Ние во вечерните часови ги посетивме апликантите односно нивните  дворни површини. Верувајте охриѓани се потрудиле и убаво ги украсиле дворовите. Иако одлуката беше тешка, таа беше едногласна“, вели Реџеп Какељ.

 На натпреварот кој Општина Охрид го спроведе по неколку годишна пауза се пријавија девет наши сограѓани, кои празнично ги украсиле своите дворови.

Najubavo_ukrasen_dvor_2013_2 Najubavo_ukrasen_dvor_2013_3 Najubavo_ukrasen_dvor_2013_1