Груевски: Изградени над илјада километри патишта од 2006 до 2013 година

Инвестициите во патната инфраструктура и во градежништвото претставуваат врвен приоритет на Владата во изминатите години. Потврда за тоа се големиот број нови или рехабилитирани патишта и изградбата на нови објекти, им порача денеска премиерот Никола Груевски на градежните инженери од Друштвото за патишта, кое денеска слави 45 години од постоењето.

Честитајќи им го јубилејот, премиерот Груевски истакна дека како резултат на заложбите на Владата во периодот од 2006 до 2013 година изградени, реконстриурани или рехабилитирани се над илјада километри на патишта. Од нив, 469 километри магистрални и регионални патишта со вкупна вредност од 92 милиони евра и 302 локални патишта во вредност од 45 милиони евра.

Премиерот најави дека во 2014 и 2015 година планирана е изградба и реконструкција на нови 63 километри патишта со вкупна вредност од 35 милиони евра, како и почеток на реализација на трите најкрупни инфрастуктурни проекти во државата – изградбата на автопатите Демир Капија-Смоквица, Миладиновци-Свети Николе-Штип и Кичево – Охрид во вкупна должина од 132 километри и финансиска конструкција од 790 милиони евра.

„Со изградбата на овие автопатишта кои се дел од паневропските коридори 8 и 10, ние ја градиме и европската патна карта, со што се овозможува да ја валоризираме нашата централна позиција на Балканот. Овие три автопатишта, заедно со останатите локални и регионални патни правци кои ќе се градат и реконструираат во периодот од 2014 до 2018 година, претставуваат инвестиција од над една милијарда евра. Ваков инвестициски бран во делот на патната инфрастуктура никогаш се нема случено во Република Македонија“, нагласи премиерот Груевски.

Осврнувајќи се на значењето на градежништвото и неговото влијание врз економскиот развој на државата, Груевски рече дека придобивките од инвестирањето во патната инфраструктура се големи бидејќи од една страна се отвара работа за многу градежни фирми, а од друга страна добрата инфрастуктура е важна за домашните и странските инвеститори.

„Добрата патна инфрастуктура ја зголемува продуктивноста и трговијата, отвора работни места, овозможува развој на туризмот и создава дополнителни можности за економски раст. Од друга страна, добрата патна мрежа ја унапредува поврзаноста на граѓаните, ги олеснува економските и социјалните врски и го подобрува севкупниот живот на граѓаните и слободата на движење и мобилност“, рече Груевски.

За во иднина премиерот најави изградба и рекоснтрукција на локални и регионални патишта и автопати во вкупна вредност од над една милијарда евра.