Над една милијарда евра инвестиции во патната инфрастуктура до 2018

Над една милијарда евра ќе бидат инвестирани во изградба и реконструкција на локални и регионални патишта и во изградба на автопатиштата Скопје-Штип, Кичево-Охрид и Демир Капија – Смоквица, најави денеска премиерот Никола Груевски.

Во обраќањето пред претставниците на Друштвото за патишта, премиерот Груевски рече дека во периодот од 2014 до 2018 година планирано е да започнат градежните активности за автопатите Скопје-Штип и Кичево – Охрид, а активно се работи и на делницата Демир Капија-Смоквица која започна да се гради во септември 2012 година.

„Изградбата на трите автопатишта во моментов претставува една исклучително актуелна тема во нашата држава, особено поради комплексноста на самите проекти, нивното значење и секако нивната вредност. Како Влада во изминатиот период вложивме доста труд и многу напори, реализиравме многу контакти и многу разговори во насока за подготвување на проектите, наоѓање средства за финансирање и што поскоро отпочнување со нивна реализација“, нагласи Груевски.

Според него, со новите автопатишта ќе се подобри движењето и безбедноста на патниците и стоките, ќе се олесни поврзувањето на источниот и западниот дел од државата со главниот град, а и Македонија ќе се промовира како транзитна земја меѓу земјите од Европа и Азија.

„Ваков инвестициски бран во делот на патната инфраструктура никогаш се нема случено во Република Македонија. Ако тука се додадат и проектите за реконструкција, доизградба и модернизација на двата македонски аеродроми кои претставуваат инвестиција вредна околу 87 милиони евра, како и инвестициите кои се во тек и кои во иднина ќе следат во делот на патниот и железничкиот сообраќај, не можеме, а да не констатираме дека ова се исклучително позитивни години за Република Македонија“, оцени премиерот Груевски.

За наредниот месец најави дека ќе биде објавен меѓународен повик за изнаоѓање концесионер за патните правци Гостивар – Кичево и Скопје – Блаце.

„Подготовката за изнаоѓање концесионер ја работиме со AVS и сме во завршна фаза така што во наредните неколку недели ќе биде објавен меѓународен јавен повик. Сигналите од пазарот се позитивни и веројатноста за наоѓање потенцијален сериозен концесионер е висока“, рече Груевски.

Преку Европската банка за развој и Светската банка во процедура на преговори или на одобрување се и поголем број други патни правци низ државата. Станува збор за патот од Ранковце до Крива Паланка, за трета лента на патот кон Прилеп, изградба на нов пат од Охрид кон Пештани, реконструкција и рехабилитација на патот од Битола до Охрид, регионален пат од Бошков мост до Градски мост и од Дебар со албанската граница, како и пат од Струга до Подмоље. Со изградбата и реконструкцијата опфатени ќе бидат и патиштата Кочани – Пониква, Тораница до Крива Паланка, Маврово – Жеровница – Дебар, Пробиштип – ски-центарот – Пониква, Делчево – Голак, Нов Дојран – Николиќ и повеќе други  патни правци во износ од 200 милиони евра.

„Ваквите проекти и нивната вредност никогаш претходно не биле реалност во Македонија, посебно не во периодот од само неколку години. Таквиот циклус очекуваме да ни донесе многу придобивки на краток и на долг рок. Очекуваме раздвижување на економијата во регионите каде што ќе се градат патиштата, отворање нови работни места, огромен ангажман на стручните кадри, градежништвото и индустријата, подобра бизнис клима, поголема конкурентност на државата при привлекување странски директни инвестици, подобра поврзаност на помалите со поголемите населени места, подобра поврзаност со соседните држави, побрза комуникација и транспорт на луѓе и стока, можност за развој на туризмот…“ посочи Груевски.