Министерството за здравство почнува постапка за набавка на нова современа медицинска опрема која вклучува три апарати за компјутерска томографија, два акцелератора, и по еден ангиограф, мамограф и дигитален рендген апарат за повеќе јавни здравствени установи. Со новата опрема пациентите ќе имаат можност на исто место да добијат и дијагностика и лекување, без да бидат препратени за дијагностика во друга здравствена установа и потоа повторно да се вратат за лекување во претходната ЈЗУ.
Ова денеска на прес-конференција го истакна ресорниот министер Никола Тодоров, кој рече дека вкупна проценета вредност на новата медицинска опрема изнесува 386 милиони денари (шест милиони евра), се очекува на тендерот да има поголема конкуренција, која завршува со електронска аукција, како и пониски цени. Нагласи дека станува збор за нови апарати кои не се дел од големиот тендер и оти ова е продолжување на политиката на Владата за набавка на нова опрема и континуирана промена на застарената.
„Денеска објавуваме постапка за технички дијалог за набавка на нов акцелератор за Клиниката за радиотерапија и онкологија и на нов ангиографски систем за Градската општа болница „8 Септември“. Проценетата вредност за двата апарата изнесува 160 милиони денари. На Клиниката за онкологија беше набавен нов акцелератор, кој беше пуштен во употреба минатата година. Ова дополнително ќе го намали времето на чекање, ќе се подобри терапискиот ефект и ќе се подобри квалитетот на здравствената услуга“, посочи Тодоров.
Новиот акцелератор, укажа министертот, е последен збор на медицината, со сите радиотераписки техники, вклучувајќи и радиохирургија, има посовремени перформанси од претходниот и по неговото инсталирање и пуштање во употреба (најрано за една година) со него ќе се третираат 30 до 40 пациенти дневно (во првата година), а 60 до 70 пациенти дневно од втората година натаму.
„Првпат се набавува нов ангиограф за ГОБ „8 Септември“ каде во континуитет се инвестира во нова опрема, реконструкција и зајакнување на здравствениот кадар. Со ова ќе се овозможи да се реагира веднаш по констатирањето од потребата за интервентна кардиолошка процедура, особено имајќи во предвид дека болницата ги има сите други апарати за современа дијагностика, вклучувајќи и интензивна нега. Паралелно со набавката на ангиографот се врши и обука на докторите кои ќе работат со оваа современа апаратура“, истакна Тодоров.
Тој нагласи дека денеска почнува постапката за технички дијалог за тие два апарата и ги повика сите економски оператори во наредните пет дена да учествуваат во изработката на тендерската документација, а по овој рок ќе биде распишан тендер за набавка на оваа современа апаратура.
Во тек е, како што рече, постапката за набавка на нова медицинска опрема за повеќе ЈЗУ, со проценета вредност од 220 милиони денари. Исто така, МЗ има распишано тендер за набавка на три нови апарати за компјутерска томографија со рок на испорака пет месеци од денот на склучување на договорот.
„Тендерот завршува на 10 февруари, по што апаратите за КТ ќе бидат инсталирани на Клиниката за неврологија (за брза дијагностика на мозочните удари и адекватен третман на лицата со тромболитична терапија, каде би се снимале околу 25 пациенти дневно и ќе се намали времето на чекање), Клиниката за детски болести (која заедно со новоотворениот ургентен центар се комплетира како врвна најопремена и најсовремена терциерна установа), како и на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“-Охрид (каде 20 до 25 пациенти имаат потреба од ваков вид снимање)“, потенцира Тодоров.
Тој истакна дека првпат се набавува и акцелератор кој ќе биде поставен во ГОБ „8 Септември“ (која ќе претставува регионален градски центар за зрачна терапија), со рок на испорака 12 месеци од денот на склучување на договорот, а Клиничката болница-Тетово првпат ќе добие дигитален мамографски систем, со што ќе се унапреди скринингот за рак на дојка за овој регион од државата, со рок на испорака пет месеци од денот на склучување на договорот.
„За неколку месеци нов дигитален рендген апарат ќе добие и специјалната болница „Св. Еразмо“ од Охрид, каде во моментов има аналоген и еден 40 години стар рендген апарат. Со новиот апарат ќе се добие многу почиста слика, а бенефит ќе имаат 50.000 пациенти кои амбулантски се прегледуваат и 4.300 кои се лекуваат болнички (над 90 отсто од нив имаат потреба за овој вид снимање). Дневно се прават од 150 до 200 рендген снимања. Рокот на испорака на апаратот е четири месеци, од денот на склучучување на договорот“, рече Тодоров.
Додаде дека набавката на новата апаратура е со цел навремено дијагностицирање на болестите, обезбедување услуги според светски стандарди, дополнително скратување на времето на чекање и просечното време на лекување, што ќе придонесе за намалување на трошоците за болничко лекување, како и подобрување на работната способност на населението и зголемување на годините на квалитетно живеење.