Симоноски: Во ЈП „Градски гробишта“ затекнав долгови во висина од 10 милиони денари

Финансиски неправилности, долгови во висина од околу 10 милиони денари, неисплатени плати, неисправен возен парк, нарушени меѓучовечки односи и блокирана жиро сметка на јавното претпријатие. Ваква беше ситуацијата на ЈП „Градски гробишта“ кога за негов директор беше назначен Зоран Симоноски.

Состојбата на претпријатието, како што рече денеска на прес-конференција, директорот Симоноски, била катастрофална во секој аспект.

„Од аспект на финансиски неправилности во работењето би ги истакнал следните: нефактурирани, неевидентирани околу 10 гробни места во вкупен износ од околу 500.000 денари. Неевидентирани и нефактурирани влезови за монтажа на споменици од околу 250.000 денари, неевидентирани и нефактурирани извршени услуги, градежни услуги од типот – испишување, поткревање на фундамент, нивелирање, поплочување, ставање клупи, неевидентирано и нефактурирано користење на инфраструктура капела и комора од оператори на погребални услуги во вредност од 126.000 денари, користење на инфраструктура – околу 400.000 денари спорни заради неажурност и ненавремено фактурирање спрема еден од погребалните оператори, набавка на стока надвор од тендер и без тендер, намалување на закуп на ресторанот со вредност од околу 500 евра по месец без одлука на управен одбор и без соодветна процедура“, – истакна директорот Симоноски.

Директорот рече дека со ваквите неправилности лошото и недомаќинско работење на ЈП е доведено во ситуација да акумулира долгови во висина од околу 10.000.000 денари, кои се уште влијаат врз нормалното, тековно а ќе имаат ефект и врз понатамошното работење на претпријатието. Симоноски ја даде точната вредност на наследените долгови: ресторански услуги и горива – 879.500 денари; по основ на ддв и камати – 1.700.000 денари; плати и придонеси – 2.110.000 денари; долг кон ЕВН – 1.200.000 денари; долг кон доверители – 4.000.000 денари; ситни долгови за нотари, адвокати, судски трошоци и камати – 200.000 денари.

Јавното претпријатие „Градски гробишта“ веќе презеде конкретни мерки за акумулирање н долговите, како што се: формирање на наплатно информативен центар во просториите на „Градски пазар“ што резултира со зголемен процент на наплата и тоа за 17%; изработена е и веќе е во функција веб-страна на претпријатието www.gradskigrobistaohrid.mk преку која граѓаните можат да се обратат со пофалби, поплаки или предлози; формирана е надворешна градежна група која работи по налог на Локалната самоуправа и Фондот за локален развој; набавени се калапи за изработка на бетонски плочки, бетонски рабници, украсни столпчиња; извршено е задолжување и наплата на откриените гробни места, градежни услуги, влезови кои претходно не биле ни внесени во евиденција; откриени и ажурирани податоци за нови 495 пасивни сметки; реализиран оглас за издавање на тезги за цвеќе; објавен оглас за издавање на тезги за продажба на свеќи; во завршна фаза е подготовката на огласот што ќе се објави за издавање под закуп на ресторантот.

Сите овие мерки и активности заклучно со 31 декември го дадоа следните резултати во финансиска смисла: исплатени околу 4 милиони денари стари долгови, плати и придонеси во вредност од 2.110.608 денари, УЈП – камата во вредност од 1.780.286 денари, ЕВН – 310.141 денари, обврски кон доверители – 561.432 денари, обврски кон стари членови на Управен одбор и НО 80.560 денари, со спогодби и договори со правни и физички лица избегнати се долгови од околу 200.000 денари. Вкупно исплатени се 4.000.000 денари за стари долгови.

Како што рече Симоноски, важно е да се напомене дека од доаѓањето на новото раководсво тој како директор, покрај исплатата на стари долгови, редовно и навремено се сервисираат тековните обврски. На прес–средбата директорот Симоноски напомена дека е извршено намалување на цената на гробните места во просек од 50 до 200 евра во зависност од местоположбата.

WebOhrid