Охридско Лето: Според Статутот на Установата, просториите на „Охридско Лето“ се даваат на користење на сите заинтересирани корисници

Во врска со соопштението на ВМРО-НП, дека Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ одржала состанок во просториите на „Охридско Лето“, со реакција излезе НУ „Охридско Лето“ во која стои:

„Повеќе од половина век  Фестивалот Охридско лето претставува најголема културна музичко сценска манифестација,  препознатлива не само кај нас туку и во светски рамки. Фестивалските изданија носат во Охрид околу 1000 уметници, актери, театарски работници, солисти, хористи, музичари… од сите земји во светот. Развојот и успехот се единствените цели по кој стремиме и чекориме и секакво инволвирање на Установата, посебно во партиски цели, за нас  е неприфатливо. Секој обид за оцрнување значи удар врз културата која пред се треба да ни биде на листата приоритети на сите нас. А токму Охридско Лето е носечкиот фестивал преку кој се развива културниот туризам и  се промовира културното наследство. Да не дозволиме дневно политичките пресметки и ситните интереси да ги надвладеат ваквите вредности.

Изминативе  години Фестивалот Охридско лето се покажа како еден од најмоќните двигатели на културните дострели во Р Македонија. Голем број уметници, кои и денес припаѓаат на светската елита, го прогласија Охрид за свој летен уметнички дом со што го афирмираа градот во интернационалните професионални кругови. Сметаме дека токму тоа треба сите нас да не направи горди но и благодарни на публиката, која има голема улога во креирањето на развојот на фестивалот и  уметниците кои вградија дел од себе во овој Фестивал давајќи му долготрајност.

Почитувани, 

Просториите на, како што и вие оценувате,  реномираниот и светски познат фестивал „Охридско Лето“, според Статутот на Установата се даваат на користење на сите заинтересирани корисници за културни и други потреби а врз член 35 од Законот за култура (Сл. Весникна РМ бр.31/98,член 19 од Статутот на НУ Охридско лето, Охрид, а согласно предлог- одлуката од директорот заведена под бр. 02-299 од 08.06.2012 год. за одредување на цени за користење на простор и инвентар од Охридско лето , Управниот одбор ја има утврдено и висината на надоместокот.  Како што стои во Одлуката, НУ Охридско лето ги дава на користење просториите кои ги поседува како  Долни сарај, салата за прес конференции во Дирекцијата… неселективно  за промоции и презентации, за коктели, конгреси, конвенции, изложби…. Охридско лето го издава на користење и клавирот во Црквата Св Софија во Центарот за култура, го издава и продажниот пункт во центарот на градот. Користењето на просторот и инвентарот се наплатува според утврден ценовник. Тоа е транспарентна постапка која не прави доследни на заложбите да работиме согласно начелата на професионалност и неселективност.

Во просториите кои се посочени дека се злоупотребуваат за партиски цели се одржани и низа други активности, токму со истата постапка како, работни активности и прес конференција на КЦ Медиа Артес за почеток на имплементација на проект во соработка со Европска унија и Влада на РМ (kick-off event), подготовката на уникатното кабаре шоу ,,2Mothers Brothers,,  на актерите Никола Тодороски и Стрезо Стаматовски, Информативен ден и работилница посветени на програмата “Култура 2007–2013” на Европската унија, Одделениeто Културно контактна  точка (ККТ) при Министерството за култура на Република Македонија во соработка со ККТ на Чешка и Литванија, Младинскиот совет на Охрид  го организираше настанот ,,Ах љубов, сладок сон,, со поезија и музика. По барање од центарот за култура и охридскиот театар,  неколку месеци наназад актерите  ги подготвуваат  своите проекти и читачки проби а од 14 до 16 јануари ќе има Тренинг обука на уметници за работа со ранливи лица   … во рамки на меѓународниот проект на К.Ц.Медиа Артес од Охрид. 

Почитувани, 

Секој може, доколку има потреба, и доколку  просторот соодветно одговара на неговите потреби,  да достави барање до Дирекцијата за користење на просторот. За ваша информација еден настан, токму во истата прострија која ја имате посочено, чини 2.000 денари. И Вие, како и сите други, сте добредојдени. 

Тоа што за вас е негативно за нас претставува успешен начин за обезбедување на средства со кои установата ќе обезбеди самодржливост. 

Токму ова раководство на Охридско лето се залага за почитување на одредбите од Статутот и Законот а што се однесува до реномето на Установата стручната јавност оцени дека Фестивалот ги доживеа најбрилјантните изданија изминативе две години. Фестивалската програма и за престојното 54- издание е ставена во рамка и таа ќе биде наскоро објавена, онака како што ветивме на самиот почеток од мојот мандат.“ – стои во реакцијата од директорката од НУ „Охридско Лето“, Елизабета Јанкуловска.