Општина: Организирањето и професионализацијата на општинската администрација подразбира драстично подобрување на општинските услуги и функционирање

Во врска со обвинувањата кои Советничката група на „Сојузот за иднината“ ги упати кон Општина Охрид, Локалната излезе со реакција во која стои:

„Мизерни и неодговорни се обвинувањата на советничката група на „Сојузот за иднината“ за наводен партиски реваншизам кон општинската администрација, заради нивното работно ангажирање во просториите на поранешната зграда во Косел.  Уште полицемерна е употреба на терминот „мобинг“, токму од лицата кои со месеци во крајно нехумани услови, под притисоци и закани, на снег, дожд и ниски температури ги тормозеа службениците и вработените во јавните претпријатија на секојдневни т.н. протести и митинизи, исполнувајќи ја својата деструктивна партиска агенда. Формирањето на списоци за учество на протестите, заплашувањето со губење на работни места, пребројувањето пред и после митинзите за случајно некој да не се одалечил во меѓувреме, наликуваа на методи од концентрациониот логор во Аушвиц или како логорите на Голи Оток.

Почетокот со работа на администрацијата во општинската зграда во Косел има за цел приближување и подобрување на услугите кон граѓаните кои гравитираат кон овој дел од општината. Оваа локална самоправа ќе направи се што е во општинска  надлежност, за да ги приближи услугите до секој граѓанин на општина Охрид, без разлика дали некој живее во Вапила, Сирула, Лескоец или Косел, или во центарот на градот. За Градоначалнико Бакрачески секој жител на општина Охрид има право на еднаква административна услуга, независно од местота на живеење, град, село или приградска населба. Општинската зграда во Косел, во кој е биде сместена дел од администрацијата, ги задоволува сите услови за нормално функционирање и тоа со многу подобар квалитет во споредба со условите во пренатрупаната со администрација општинската зграда во Охрид, каде што во една канцеларија има и по 7, 8 или 9 општински службеници. Тоа е наследството кое ни го оставија од „Сојузот за иднината“ и доказ за нивната наводна грижа за општинската администрација. За наша жал, дури и новата зграда која неколку години ја градеа во непосредна близина на старата зграда, заради сомнителни зделки во текот на проектирање и градењето, е неупотреблива во овој момент. Посебно е прашањето, колку претходната гарнитура на власт се грижеше за навремена исплата на плати за вработените, која нередовно и со закаснување се исплаќала во општината.

Благодарение на макотрпната и посветена работа на Градоначалникот Бакрачески и неговиот тим, се санираат последиците од крајно деструктивно, дезинтегративно и неодговорно работење на претходната локална гарнитура. Организирањето и професионализацијата на општинската администрација, подразбира драстично подобрување на општинските услуги и функционирање на општината за потребите на граѓаните, а не на личните или партиските интереси, како што тоа 8 години се правело. Прашањето кое неодминливо се наметнува кон партиите од „Сојуз за иднината“ е, ако сега наводно постои партиски реваншизам, дали тоа значи дека во нивниот мандат општината се пренатрупала со партиски членови на „Сојузот за иднина“, врз кои сега се вршел реваншизам? И колкумина од преку 200 државни службеници вработени за период од 2006-2013 години, се членови на овие партиии? Дали „Сојузот за иднина“ 8 години создаваше партиска или професионална администрација и најважно како тоа „обучена, професионална и едуцирана администрација“, како што ја прикажуваат, доведе до катастрофална состојба на општина Охрид, со долгови кои не се познати во Р.Македонија од нејзиното формирање во 1945 па наваму. „Сојузот за иднината“, СДСМ и партиските коалициски сателити, спроведуваат малограѓанско-политичка платформа која е неприфатлива за Охрид и граѓаните на општината. Тоа е матрица која во преден план ги има единствено интересите на своите членови, наспроти потребите на огромниот број граѓани. За Градоначалникот Бакрачески, за ВМРО-ДПМНЕ од чии редови доаѓа и за локалната самоуправа, приоритетни се интересите на граѓаните на општина Охрид. И понатака, посветено, транспарентно и отчетно ќе работиме во интерес на жителите на општината, за што е добиен мандат од огромниот број граѓани.“ – стои во реакцијата од Општина Охрид.