Сто и осум милиони денари за научно-истражувачка дејност во 2014 година

Буџетот за научно-истражувачка дејност за 2014 година е 108 милиони денари и е 18 милиони денари поголем во однос на минатата година, соопшти денеска министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

Владата на РМ на последната седница ја усвоила Програмата за научно-истражувачка дејност, на предлог на Министерството за образование и наука, со која ќе бидат поддржани државните установи и граѓански здруженија кои се заминаваат со наука.
 
„Со најголем дел од средствата, 77 милиони денари, ќе се поддржи научно-истражувачкиот кадар со посебен акцент на младите кои се интересираат во оваа област, затоа што нивното вклучување во научно-истражувачката работа превентивно ќе делува на „одливот на мозоци“ од државата. Ќе се стипендираат студенти од втор и трет циклус во земјата и странство, а ќе се финансира и престојот на постдипломците и универзитетските професори од земјата во рамки на ЦЕЕПУС програмата. Предвидена е и исплата на средства за објава на научно-истражувачки трудови во меѓународни списанија со импакт-фактор, како и доделување државни награди за постигања од интерес на државата во одредена научна област“, рече Ристовски на прес-конференција.
 
Јавните научни установи ќе бидат поддржани за творечка и издавачка дејност, за научно-истражувачка инфраструктура, за членство во меѓународни организации заради добивање меѓународни проекти, за учество на домашни и меѓународни научни собири, организација на семинари, конференции, симпозиуми за граѓански здруженија од техничката култура.
 
„Програмата е развојна ако се земе предвид зголемениот опфат на активности и износот на средства во однос на изминатите години. Очекувам зголемен интререс и активна вклученост на сите општествени чинители кои делуваат на полето на науката и истражувањето. Владата и понатаму ќе продолжува да ги поддржува“, рече министерот за образование и наука.
 
Ристовски потсети на усвоената Стратегија за иновации 2012-2020, носењето на Законот за иновациска дејност, потпишувањето на Регионалната истражувачко-развојна стратегија за иновации на Западен Балкан, формирањето на Фондот за иновации и технолошки развој во Република Македонија, набавката и опремувањето лаборатории на јавните високообразовни институции која ќе продолжи и во оваа година.