Од денес почнуваат манифестациите по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици

Со примо предавање на кумството од стариот кум Стојан Ѓоргоски на годинешните кумови,  градоначалникот Никола Бакрачески и  бизнисменот  Сашо Симески, денеска во црквата Св. Никола Геракомија, официјално започнува одбележувањето  на  христијански празник Богојавление -Водици кој има исклучително значење за Охрид и христијанските верници. Одбележувањето на Празникот Богојавление во градов е  најмасовното прославување во Охрид и Република Македонија, а според податоците од соседните земји ова е едно од најголемите одбележувања на овој верски настан и на Балканот, со тоа потврдувајќи го називот  на Охрид како балкански Ерусалим.

Во рамки на празничната програма утре  со почеток во 18 часот во куќата на Уранија Градоначалникот Никола Бакрачески ќе ја додели  Светската наградата за хуманизам на годинешниот добитник ,академскиот сликар Светлин Русев од Бугарија. Во 19.30 часот во Центарот за Култура “Григор Прличев“, целовечерен концерт ќе одржи хорот “Св. Злата Мегленска“. Влезот е  слободен.

Главното случување е  во недела (19 јануари)  со осветување на езерските води и фрлање на Чесниот  Крст  во езерото во  10 часот од бродот“ Александрија“. Се очекува овој свет чин да го проследат над 20 000 посетители од земјава и странство, претставници од дипломатскиот кор, владини делегации како и   новинари од земјава и соседството, а над 1 000 луѓе  веќе се пријавени  за капење во Охридското Езеро.

Организаторите, Здружението за афирмација на Македонската Православна Црква “Богојавление“, Општина Охрид, Црвениот Крст и Центарот за подводни активности “Амфора“, ги привршуваат  подготовките за  најмасовниот христијански празник . Веќе е одбележан  просторот во езерските води на кој  ќе се наоѓаат капачите  кои ќе пливаат до  Чесниот  Крст. Со пригодни украси е накитено   градското пристаниште, плоштадот со лизгалиштето  и  просторот долж улицата „Коста Абраш“. Во одбележување на празникот се приклучија и сите хотелско- ресторански објекти во градов, кои ноќевање со доручек по лице нудат за само 12 евра а промотивни ќе бидат цените и на останатите услуги.

Празнувањата ќе завршат во понеделник, 20 јануари- Денот на рибарите со пригодната програма која започнува точно напладне кај месноста Сараиште и групното капење во езерските води закажано за 15 часот.