Се реновираат дел од училниците во ОУ „Христо Узунов“

И за време на зимскиот распуст во ОУ „Христо Узунов“ се работи. Се реновираат дел од училниците, се чисти училишниот двор, како и се бојадисуваат некои делови од училиштето. Со еден збор, се вршат последни подготовки пред почетокот на второто полугодие од оваа година. Директорот на основното училиште, Тони Симоновски рече дека распустот е идеален за ваквите активности.

„Се искористува просторот кога учениците не се тука, доста од училниците се поправаат, реновираат, значи се прилагодуваат за новото полугодие од оваа наставна година. Искористивме дел од просториите, дел од канцеларискиот простор за наставници да го реновираме, исчистување на дворот, бојадисување на некои делови од училиштето кои што не би можеле да ги направиме кога би се одвивала редовната настава на учениците“. – изјави Симоновски за WebOhrid.

Зимскиот распуст на учениците кој трае 20 дена завршува на 20 јануари, односно во понеделник основците и средношколците се враќаат во училишните клупи, на настава од второто полугодие на 2013/2014.

WebOhrid