Премиерот Груевски најави стипендии за меѓународни магистратури на наставниците

Премиерот Никола Груевски говорејќи за образованието пред претставниците на синдикатите во Домот на АРМ најави стипендии за меѓународни магистратури на наставниците.

„Владата наскоро ќе излезе и со Проект за стипендии за наставници кои ќе се запишат на топ 200 универзитети на магистерски од областа на образованието и едукацијата во времетрање од една година со право на мирување на работен однос и со обврска да се задржи работното место во траење од пет години по завршување на студиите“, појасни премиерот.

Образованието, како што посочи меѓу другото, е исклучително значаен показател за напредокот на една земја и токму затоа постојано треба да ги следи современите општествени текови.

„Во годините на транзицијата постепено се намалуваше квалитетот на педагошките факултети, што е исклучително лошо за сегашните и идните генерации ученици“, рече Груевски. Додаде дека реформата за педагошките факултети ќе биде стимулирачка и мотивирачка за учениците да се запишуваат на овие факултети.

Изминатите седум години, како што истакна, покажана е максимална посветеност кон унапредување и развој на образованието, концентрирајќи многу труд и средства во оваа област.

„Бројни реформи, проекти и инвестиции се реализирани, а интензитетот нема да се намали ниту во периодот кој следи“, рече Груевски.

Сепак, како што додаде, ниту една идеја и заложба, не би била во целост реализирана без клучната алка кога е во прашање образованието, а тоа се просветните работници и воопшто, сите вработени во образованието. – Затоа не изостанува ниту грижата за нив и нивните семејства, преку континуирано подобрување на нивната социо-економска и општествена положба, доцдаде тој.

Во обраќањето премиерот меѓу другото потсети и на систем на вреднување на објективноста при оценувањето на учениците, со екстерното тестирање, при што 20 отсто од најдобрите наставници мерени според најобјективно дадените оценки ќе добијат 15 отсто повисока плата во следната година, а 20 отсто од наставниците чии оценки отстапуваат за повеќе од 2 споредено со оценките од екстерното тестирање, ќе добијат пониска плата.

„Целта на оваа мерка е да се добие објективно оценување на учениците, но и да се елиминира притисокот врз наставниците од страна на родителите за пишување повисоки оценки од реалното знаење“, рече Груевски.

Најави и почеток на соодветна кампања за подигнување на свеста кај децата и кај родителите за значењето на учителите.

„Загрижени од многуте испревртени вредности, особено во периодот на транзицијата, Владата планира и соодветна кампања за подигнување на свеста кај родителите и учениците за улогата на наставникот и почитување на улогата на наставниците во образовниот процес и општеството“, додаде Груевски.