После целодневната обиколка по охридските домови, Варошката тајфа предводена од Петар Рупески, денешниот фаќач на Чесниот Крст, традиционално се собраа во Ресторанот Св.Софија. Таму беа пречекани од годинешните кумови, Градоначалникот Никола Бакрачески и охридскиот бизнисмен Сашо Симески, кои го даруваа годинешниот фаќач на крстот, со сребрен крст со позлата.
Големиот верски празник Богојавление-Водици кој во Охрид оваа година се празнува неколку денови, донесе илјадници посетители и гости од државава и странство, а на градското пристаниште се собраа повеќе од 20 000 лица за да ја следат верската церемонија на осветување на езерските води. Овој најмасовен верски настан во Р.Македонија, ќе финишира денеска со посебна програма по повод Денот на рибарите. Професорите и учениците од ОУТУ “Ванчо Питошески” од Охрид ќе подготват 2 тона рибна чорба која ќе биде послужена за илјадниците граѓани кои ќе бидат присутни на манифестацијата, а главна атракција ќе биде пливањето по буре со вино.
Фото: Супер Радио