Манифестацијата „Денот на рибарите“ што се одржува по Водици, денеска започна со подготовката на рибина чорба на новиот мал плоштад кај Долна Порта каде се собраа голем број верници и посетители.
Средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“ годинава третпат учествуваше во правењето на рибината чорба. Овој пат се подготвија околу три илјади литри чорба за која беа употребени 500 килограми риба и различен вид зеленчук. Подготовките, според професорот во ова училиште, Блаже Јорданоски започнале во саботата.
„Три дена се подготвувавме за овој ден. Учествуваат околу 15 ученици, седум професори. Задоволство е, но и обврска да се учествува на ваква манифестација. Да се направи олкаво количество навистина не е мала работа“, истакна Јорданоски, според кого, нема тајна во подготовката на рибината чорба, туку за да биде успешно приготвена треба само љубов кон готварството.
Подготовката, за учениците од угостителското училиште, како што и самите рекоа е огромно искуство.
„Огромно е задоволството што сум дел од овој голем настан. Ова е сепак големо искуство зашто се работи за подготовка на големо количество рибина чорба затоа што сум ученик. Интересно и напорно беше правењето чорба зашто немаме се уште искуство“, рече Томи Трајаноски, ученик во трети клас во средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“.
Рибината чорба денеска ја благослови отец Љупчо Санџакоски.Количеството што ќе остане, ќе биде распределено по болничките установи и другите институции.
Освен чорбата, денеска посетителите на манифестацијата „Ден на рибарите“ можеа да вкусат и вкусна пача приготвена од страна на студентите на Факултетот за туризам и угостителство од Охрид, но и пржени плашици, како што налага традицијата. Охриѓани овој ден го очекуваат со нетрпение и велат дека Водици и денот потоа се највеселите и најраздвижени празници во Охрид.
„Бев дел од оваа манифестација и кога се одбележуваше на Сараиште. Но мислам дека овде, на малиот плоштад има повеќе место за да се собере многубројната публика“, вели охриѓанецот Илче Ристески.
Меѓу присутните имаше и странци. За нив ова е ново искуство што го доживеале надвор од нивните матични земји.
„Веќе 7 години заедно со семејството престојувам во Охрид и можам да кажам дека ги знам обичаите. На почетокот ова за нас изгледаше многу интересно, а сега можам да речам дека се уште е атрактивно, посебно делот со капењето во езерото. Фрлањето по бурето е вистинска атракција“, рече Брајан Дејвис од САД.
Извор: Супер радио