Владата прави планови и сериозно е насочена кон обезбедување на сите процеси и подготовки за нови вработувања во Армијата, со цел пополнување на нејзиниот персонален состав со околу 100 проценти пополнетост, истакна премиерот Никола Груевски во обраќањето пред синдикатите во Домот на АРМ.
Вториот стратешки фокус на Владата во областа на одбраната, според Груевски, ќе биде доопремување на Армијата со потребната опрема согласно долгорочниот план за развој на одбраната.
Според премиерот, Владата работи на клучна мерка со која професионалните војници по својата 45-годишна возраст, откако ќе ја напуштат службата, да бидат вработени во државните служби.
„Владата веќе го изработува законското решение и секој професионален војник по завршување на својата служба ќе биде прераспореден во една од државните служби во министерствата за одбрана, за внатрешни работи, за правда, за земјоделство или во некои други согласно нивните квалификации и потребите на институциите“, рече Груевски, посочувајќи оти тие лица ќе бидат вработени редовно и ќе земаат плата додека не ги исполнат условите за пензија.
Претседателот на македонската Влада укажа дека покрај општото зголемување на платите за 20 проценти што важеше за сите вработени во јавниот сектор, дополнително имаше покачување на платите во воздухопловниот и наставниот кадар во Министерството за одбрана за околу 10 проценти, како мерка за изедначување на примањата на овој кадар со нивните колеги од другите институции. Се воведе и гаранција на нови права за вработените како што е отпремнина за одење во пензија во висина од пет плати.
Преку проектот „АРМ мој вистински дом“, пак, се создава можност за решавање на станбеното прашање на припадницита на Армијата, посочи Груевски. Во изминатиот период, потсети, првпат во Македонија е отворено школо за пилоти, а во наредниот период се планира да се продолжи со унапредување на просторните услови во касарните.