Нови 587 вработувања за лица кои потешко се вклучуваат на пазарот на труд

Нови 587 лица на возраст од 50-59 години, млади лица до 29 години, долгорочно невработени лица – над пет години, како и лица кои до 18-тата година имале статус на деца без родители ќе бидат вработени годинава со субвенционирање на вработување преку финансиска поддршка, мерка која е дел од владиниот Оперативен план за вработување.

„За 2014 година обезбедивме финансиска поддршка за вработување на 587 евидентирани невработени лица од евиденцијата на активни баратели на работа на Агенцијата за вработување на Република Македонија кои потешко се вклучуваат на пазарот на труд. Од нив 80-тина лица се од ранливите групи: жртви на семејно насилство, деца без родители и родителска грижа, бездомни лица, поранешни корисници на дрога, родители на деца на улица, самохрани родители, жртви на трговија со луѓе). Оваа мерка е наменета и за лица на возраст од 50-59 години, млади лица до 29 години, долгорочно невработени лица (5 години и повеќе), како и лица кои до 18 години имале статус на деца без родители“, рече на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Појасни дека финансиската поддршка за вработување на невработени лица од ранливи групи изнесува 17.000 денари по лице месечно, од кои 3.000 денари по лице ги задржува работодавачот, како надомест за направените трошоци за подготовка на лицето во работниот процес. 

„За секое вработено лице се исплаќа бруто плата во износ од 13.000 денари месечно за период од 6 месеци.  Работодавачот има обврска лицето да го задржи на работа најмалку уште 12 месеци (вкупно 18 месеци) или на негово место да вработи друго невработено лице од евиденцијата на невработени лица при што приоритет ќе имаат лицата од истата целна група“, истакна Спасов.

Тој информира дека секој работодавач кој има вработено до 10 работници има право на субвенција за вработување најмногу до 2 невработени лица, до 50 работници има право на субвенција за вработување најмногу до 5 невработени лица и над 50 работници има право на субвенција за вработување најмногу до 10 невработени лица.

Мерката се однесува и на лицата кои до 18-тата година имале статус на деца без родители, а годинава преку неа ќе можат да се отворат 20 работни места.

Програмата за субвенционирање на вработување на невработени лица се реализира  континуирано од 2007 година. И министерот Спасов и директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски мерката ја оценија како една одд најуспешните. Преку неа, посочија, во изминатите години постигнати се  4.668 вработувања на граѓани од овие категории.

Анализите покажуваат, истакна Поповски, дека повеќе од 60 проценти од лицата кои се вработени со оваа маерка остануваат на работните места подолго од предвидените 12 месеци.

Попоски истакна дека со оваа мерка им се помага на лицата кои тешко се вклучуваат во пазарот на труд, кои имаат потреба од работа, но не можат да отворат сопствен бизнис.

Тој апелираше невработените лица кои се пријавуваат во АВРМ да оставаат точни податоци за контакт за да може Агенцијата навремено да ги информира за сите мерки и работни места за кои може да аплицираат.