Република Македонија, за жал, не е исклучена од влијанието и последиците на климатските промени, и не само што не е исклучена туку е и една од најзагрозените држави која според проект на Светска банка, заедно со Албанија, Молдавија, Таџикистан и Узбекистан, е дефинирана како високо ризична земја подложна на последиците предизвикани од климатските промени, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски за време на денешната посета во Новаци.
Тој посочи дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство по направена анализа по региони за состојбата со земјоделските култури констатира дека климатските промени најмногу влијаат врз пченицата од Пелагонискиот регион.
„Проблемот е сериозен затоа што во изминатиов период има малку или никакви врнежи, а тоа значи дека има мала влага на почвата што директно влијае врз интензитетот и квалитетот на пченицата. Ние упорно настојуваме да се применат добри земјоделски практики, да се примени протоколот на мерки кои треба да бидат преземени од страна на земјоделците. Тоа го имаме наведено во програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2014 година, но и во уредбата за поблиски критериуми. За поголемите системи ќе има обврзувачко работење во обработката на земјоделските површини, а за индивидуалните земјоделци во оваа фаза нема да има посебни обврски“, нагласи Димовски.
На денешната средба со новинарите беше потврдено дека во следните 7 години МЗШВ односно Владата има предвидено финансиски средства со кои повеќе од 18 милиони евра на годишно ниво ќе бидат инвестирани во водоснабдителните системи во Република Македонија.
„Станува збор за 96.000 хектари кои ќе бидат под систем за наводнување и 90.000 хектари кои што ќе бидат во системот за одводнување, кој посебно е потребен за Пелагонискиот регион. За жал, имавме несреќа, претходно да се спроведува еден проект кој се покажа како неуспешен, односно гаснењето, ликвидацијата или укинувањето на водостопанските претпријатија и повторно формирање на водостопански претпријатија, еден гломазен систем оптоварен со многу водни заедници кои не беа во функција и не можеа да ги задоволат своите и потребите на земјоделците“, рече Димовски.
Најави дека ќе се направи комплетна рехабилитација на системот, негова реконструкција и враќање на нивото од пред 20 години кога, како што рече, каков таков функционираше, а потоа да се извршие негово проширување.
„Но, нема да застанеме на тоа, туку ќе одиме и на затворање на отворените системи затоа што сакаме да имаме економичност во распределбата и во трошењето на водата при водоснабдување, енергетска ефикасност односно да ги исклучиме загубите на вода, воведување нов систем каков што е со високоразвиените земји и изградба на мали, мини хидро акумулации на места каде што е многу потребно, каков што е примерот на прилепскиот дел на Пелагонија“, истакна Димовски.
Во соработка со турското МЗШВ и организацијата ТИКА рече дека се подготвуваат 10 проекти, донации од Турција во кои е предвиден и Пелагонискиот регион, а во функција на подобрување на водоснабдителните системи.
„Ќе вршиме рехабилитација, заокружување на системот, негово надградување и изградба на микро акумулации кои што ќе ги задоволат потребите на земјоделците. Истовремено ќе извршиме стопроцентно ставање во функција на хидросистемот „Стрежево“, бидејќи тој сега не работи со висок процент во задоволувањето на потребите на земјоделците. Предвидени се средства за негова модернизација и сметаме дека за релативно прифатлив период од година, две ќе можеме да сметаме на негова поголема ефикасност“, потврди министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски за време на неговата денешна посета во општина Новаци.