Конкурс за идни пилоти на полициските хеликоптери

„Како и за огромен број реформи, така и овој конкурс за прв пат во Министерството на најтранспарентен начин ќе се реализира прием на пилоти кои на долг рок ќе значат надминување на кадровските проблеми и ќе станат елита во полицијата“, изјави меѓу другото министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска на денешната прес конференција во МВР по повод новиот конкурс за пилоти во рамки на хеликоптерската единица на МВР што официјално ќе биде распишан утре (25.01).

Како што посочи министерката Јанкулоска – „согласно насоките на нашите меѓународни партнери, за прв пат во историјата ќе бидат селектирани најдобрите кандидати кои практично од нула ќе бидат обучени за пилотирање на хеликоптерите со кои располага Министерството“.

Токму поради тоа, според Јанкулоска по конкурсот од којшто е предвидено да се вработат шест извршители со средно и исто толку извршители со високо образование, ќе се врши исклучително строга и принципиелна селекција на кандидатите, а во сите фази од овој процес ќе учествуваат и меѓународни партнери кои како инструктори во процесот на обука што ќе трае 19 месеци ќе им ги пренесат сите најнови знаења и искуства во таа област.

Наедно министерката Јанкулоска нагласи дека средното училиште или факултетот кој што го завршиле потенцијалните кандидати нема да бидат пресудни, така што се очекува што е можно поголем број на кандидати да се пријават на овој конкурс.

Инаку министерката Јанкулоска презентираше и дел од условите потребни за аплицирање на потенцијалните кандидати при што посочи дека во рамки на општите услови кои треба да ги задоволат заинтересираните тие треба да бидат државјани на Република Македонија; да бидат полнолетни, но не постари од 25 години доколку конкурираат со средно образование или максимум до 30 години доколку аплицираат со високо образование; да бидат здравствено и физички способни и да немаат изречено забрана за вршење професија, дејност или должност со правосилна пресуда. Во посебните услови, пак, предвидено е познавање на англискиот јазик на високо ниво, како и висока лична физичка подготвеност.

Исто така, самата фаза на селекција е исклучително долга и ќе трае повеќе месеци, според најновите меѓународни стандарди за избор на пилоти. Како што истакна министерката Јанкулоска најпрвин е предвидена административна селекција, по која ќе следи проверка на моторичките способности посебно за мажи и жени. За оние кандидати кои ќе ги поминат моторичките проверки ќе следи општообразовен тест, психолошки тест и тест за познавање на англискиот јазик, а потоа и лично интервју. Потоа се предвидени првичните здравствени прегледи, по што ќе биде спроведена и т.н. пилотска селекција на земја. Кандидатите кои ќе ја поминат, предвидено е да одат на напредни здравствени прегледи според критериум за класа еден, спроведени од овластена воздухопловна лекарска комисија, а на крајот е предвидена и т.н. – „селекција во воздух“.

Оние 12 кандидати кои ќе покажат најдобри резултати ќе склучат договор за вработување во Министерството и договор за обука и во следните 19 месеци ќе бидат сместени во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, во Центарот за обука на пилоти, а Министерството за внатрешни работи ќе им обезбеди превоз, исхрана, облека и друга пилотска опрема потребна за обуката со цел добивање на сертификат за оспособеност за звањето „пилот на хелихоптер“. Тие кои ќе го добијат сертификатот, ќе бидат распоредени на работното место „пилот на полициски хелихоптер“. Инаку, конкурсот, односно приемот на пријавите ќе трае 28 дена од денот на официјалното објавување во дневниот печат.