Владата на РМ оваа година ги зголеми финансиските средства за вештачкиот мрест. Минатата година дадени се 6 и пол милиони денари, додека пак оваа година Владата издвои 13 милиони денари. Денес во Радожда започна овогодишниот вештачки мрест на охридска пастрмка.
„Денеска од мрестот се некои 15 до 20 илјади единки икра охридска пастрмка. Мрестилиштето во Шум е подготвено да ја прими икрата од охридската пастрмка, од овогодишниот мрест. Ние сме подготвени да примиме над 2 милиона икри. Се надеваме дека имајќи ги во предвид уловите, заштитата, вложувањата и интересирањата на државата и она што се прави сега ќе успееме да го зголемиме производството, односно онаа икра имрестена и рипчиња што ќе ги произведеме да бидат најмалку 80% од минатата година. Тоа се нашите планови, ние како мрестилиште сме подготвени тоа да го направиме и се надевам дека ќе извадиме доволно риба и икра од мрестот“. – истакна директорот на Институтот за сточарство, Васил Костов.
Покрај вештачкиот мрест финансиски средства се наменети и за поддршка за физичката заштита на Охридското Езеро.
„Знаете и сами дека во изминатиот период сериозно зајакнува физичката заштита на ОхридскотоЕзеро и тоа е еден клучен или важен елемент токму да го зголемиме фондот на пастрмката во Охридското Езеро. Ние не остануваме пасивни, активни сме во целиот период. Имаме исклучително добра соработка со Министерството за Внатрешни работи, Албанската полиција, здруженијата на риболовци. Мораме да кажеме да пофалеме дека и науката значи овластените институции се фокусирани да го зголемиме риболовниот фонд на Охридскот езеро“. – изјави Румен Стаменов, директор на државениот инспекорат за земјоделство.
Како што рече раководителот на концесионерот „Пастрмка 2012“ – подрачна единица Струга, Миле Чавко оваа година со вештачкиот мрест имаат голема физичка заштита од рибочуварската служба од струшкиот регион.
„Оваа година со вештачкиот мрест имаме голема физичка заштита од рибочуварската служба од струшкиот регион, благодарение на инспекциските служби и благодарение на Земјоделството за земјоделие. Така да се надеваме дека ќе имаме повеќе икра годинава и повеќе риба и се надеваме дека се ќе биде во најдобар ред“. – рече Чавко.
WebOhrid