Тодор Гечевски одигра брилијантна партија во Белград, а голема поддршка доби и од останатите кошаркари кои му донесоа важен триумф на МЗТ Скопје Аеродром против актуелниот шампион во АБА од 73-66. Партизан немаше сили за пресврт против шутерски расположениот скопски состав.
Уште пред заминувањето за Белград најавија максимална пожртвуваност и борба за секоја топка со цел да се приреди изненадување на големиот фаворит и тоа и го остварија. Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром одиграа одлични 40 минути во „Пионир“ против Партизан и заслужено се радуваа на триумф на крајот од 73-66. Во ниту еден момент од натпреварот, ниту една од двете екипи не успеа посериозно резултатски да се одлепи, што доволно говори за изедначената игра и неизвесноста во мечот.
Највисоката предност ја имаше Партизан на средина од втората четвртина, кога по тројката на Богдановиќ поведе со 23-16. Сепак, следуваше период на добра игра во напад на МЗТ, а поените на Николовски и тројките на Гечевски и Синовец, го доближија македонскиот тим на 25-24. Тодор Гечевски играше брилијантен натпревар на двата краја од теренот, а покрај агилноста во нападот, играше и одлична одбрана во рекетите, токму на позициите каде Партизан очекуваше дека ќе ја стекне својата предност на теренот. На средина на третиот период, со поените на Гечевски, МЗТ поведе со 43-39, но Гагиќ, Кинсеј и Андриќ вратија со реализации во наредните три напади и повторно го изедначија резултатот.
Во последните две минути се влезе со резултат 63-62 за Партизан, кога Кејд Дејвис и Урош Лучиќ погоди две тројки во серија, носејќи му предност на МЗТ од 68-65. Одличната игра во одбраната во завршницата и украдените топки на Синовец и Оташевиќ, односно скоковите на Гечевски, помогнаа МЗТ да ја задржи предноста и да слави заслужен триумф од 73-66, како реванш за несреќниот пораз во Скопје во првиот дел од сезоната.
Гечевски го заврши натпреварот со дабл-дабл учинок од 19 поени и 13 скокови, како предводник на играта на МЗТ. Меѓу подобрите беа и Синовец со 12 поени, Лучиќ со 11, како и Дејвис, Дамјан Стојановски и Шеховиќ кои постигнаа по 8 поени. Кинсеј беше најпрецизен кај Партизан со 16 постигнати поени.
Ова беше осми триумф за МЗТ Скопје Аеродром во 18.коло од АБА лигата, со што македонскиот тим сега се наоѓа сам на седмата позиција на табелата. Викендов „Металците“ ја пречекуваат Мега Визура во Скопје, што воедно ќе биде последен натпревар пред настапот на Завршниот турнир во Купот на Македонија кој од 6 до 9 февруари ќе се игра во Охрид.