Проекти за заштита на Охридското Езеро од отпадните води

Центарот за развој на Југозападниот плански регион го презентира договорот за финансирање на четири регионални проекти  со вкупна вредност од околу 50 илјади евра што го потпиша со Германското техничко друштво за меѓународна соработка.

Проектите се однесуваат на третман и одведување отпадните води во речиси целиот југозападен регион, а првите два, како што нагласи директорката на Центарот за развој на Југозападниот плански регион Мирјана Лозаноска, ќе го заштитат Охридското Езеро од отпадните води во Трпејца и на потегот од Радожда до Калишта, што всушност ќе значи заокружување на колекторскиот систем за заштита на водата во Охридското Езеро.

„Во изминатиот период изработивме студија за одведување отпадни води од Градиште до Свети Наум и таа беше практично базичниот документ за да го добиеме и овој проект. Големи се шансите, а веќе почнавме да преговараме и за изградба на тој систем од Градиште до Свети Наум, или во најмала варијанта, за таа пречистителна станица во Трпејца која е жешка точка на охридското крајбрежје. Истото важи и за проектот Калишта – Радожда кој е дел од системот за заштита на Охридското Езеро“, истакна Лозаноска.

Третиот проект, според неа, е основен проект и ревизија за пречистителна станица во Центар Жупа, кој е во насока на заштита на водите во Дебарското Езеро и Црн Дрим, а четвртиот го покрива кичевскиот регион, бидејќи тука ќе се работи анализа на најоптималните трошоци за системот за одведување на отпадни води во овој регион.

„За основата за пречистителната станица во Центар Жупа веќе е подготвена финалната верзија. Се работи за проект од минатата година-студија за одведување и третман на отпадни води по течението на реката Црн Дрим која ги опфаќа четирите општини Струга, Вевчани, Центар Жупа и Дебар и практично во неа е детализиран овој дел за пречистителната станица во Центар Жупа каде отпадните води во моментов се влеваат директно во реките и Дебарското Езеро. Последниот проект ги опфаќа сегашната општина Кичево или поранешните пет кичевски општини и Пласница. Со таа студија што ја изработивме пред две години аплициравме на повеќе места и веќе епотврдено дека евлезена во оперативната програма на Министерството за животна средина и просторно планирање преку третата компонента ИПА за регионален развој“, појасни Лозаноска.

За спроведувањето на овие проекти се планирани 11.421.000 евра. Доколку во Трпејца се гради печистителна станица, тоа ќе чини 525.000 евра, но ако се оди на варијантата да се гради системот од Градиште до Свети Наум, тогаш, би биле неопходни 2. милиони евра. Основниот проект за колекторот во струшкиот дел ќе се реализира со 446 илјади евра, оној за станицата во Центар Жупа со 450. илјади евра, а за третирањето на отпадните води во кичевскиот микрорегион веќе се обезбедени 10. милиони евра.

Како што беше речено на денешната прес-конференција, тендерските постапки за реализација на овие проекти и проектната документација ќе бидат заокружени до јули годинава, а проектите целосно ќе бидат реализирани најдоцна до 2017. година.

Извор: Супер радио