„Шведска Атлантида“ пронајдена на дното од Балтичко Море

Тим нуркачи од Шведска, на чело со професорот по археологија Бјорн Нилсон од Универзитетот Содерторн, пронашле предмети од можеби најстарата населба во регионот, која многумина ја нарекувале „Шведска Атлантида“.

Предметите стари 11 илјади години се пронајдени на дното од Балтичкото Море и одлично се сочувани, благодарение на недостатокот од кислород во талогот од тресет на самото дно.

Според Нилсон, артефактите пронајдени во близина на јужниот брег од Шведска се уникатни, а најимпресивниот помеѓу нив е харпун изработен од животински коски.

Предметите од каменото доба ги оставиле номадите и најверојатно станува збор за најраните докази за привремена населба пред доаѓањето на нордиските населеници. Нуркачите на дното пронашле и коски од диво говедо, животно кое е истребено во 17 век.