Единствениот фотоапарат од Американската вселенска агенција НАСА кој за време на мисиите Аполо бил користен на Месечината, а подоцна вратен на Земјата, ќе биде продаден на аукција на 22 март во Виена.
Сребрениот фотоапарат, кој може да се прицврсти на предниот дел од астронаутот, проценет е на 150 илјади до 200 илјади евра, изјави сопственикот на галеријата Вестлихт која ја организира оваа лицитација.
НАСА испратила вкупно 14 фотоапарати на Месечината за време на мисиите Аполо од 11 до 17 помеѓу 1969 и 1972 година, но само еден е вратен на Земјата. Причина за тоа се наведува дека, по правило, поради тежината, фотоапаратите биле оставани на Месечината, со цел астронаутите да донесат што повеќе примероци од камења од Месечината.
Фотоапаратот марка Хаселблад, кој на продажба го изнел анонимен италијански колекционер, го користел астронаутот Џим Ирвин кој во 1971 во текот на мисијата Аполо 15 со него направил 299 фотографии.
Виенската галерија Вестлихт, која важи за најголема аукциска куќа за фотоапарати во светот, има организирано лицитација на дел од најскапата фотографска опрема во историјата. Пред две години, продаден е прототип од „Леика“ за рекордни 2,16 милиони евра.