Отворениот граѓански Универзитет „Кузман Шапкарев“ прослави 60 годишен јубилеј

Со свечен коктел Отворениот граѓански универзитет „Кузман Шапкарев“, денеска го одбележа своето 60 годишно постоење.

Од името на градоначалникот, јубилејот на вработените им го честиташе, заменик градоначалникот Ангел Јанев:

Од работнички универзитет формиран во далечната 1954 година за дооформување на образованието на возрасните, низ децените што изминаа, ја  прошируваше дејноста, за денес да прерасне во Отворен граѓански универзитет за доживотно учење. Во овој универзитет, образованието го надополниле и се остручиле илјадници возрасни граѓани кои се вработиле или основале свои бизниси и ги решиле основните егзистенцијални проблеми, а младите ги надополнувале знаењата  на странските јазици и другите наставни предмети.

Со подршка на Локалната самоуправа, се надеваме дека ќе се искористат можностите што ги нуди Европската унија преку програмите за доживотно учење Леонардо Да Винчи и Грунтвик за образование на возрасни.

„Ние го одбележуваме 60 годишното постоење и го оправдавме она што основачите во 1954 година го направија и ја формираа оваа институција. Се покажа дека е многу неопходна за образованието во нашата држава и образованието на возрасните. Ние и понатака ќе се трудиме оваа институција успешно да работи, со подршка на нашите предавачи, со подршка на Локалната и Централната власт“, – изјави директорката на универзитетот Славица Ристеска.

Во чест на јубилејот директорката на универзитетот им додели благодарници на сите кои во изминатиот период придонеле за функционирањето на универзитетот.