Нови 9 милиони евра од ЕБОР за енергетска ефикасност

Македонските приватни субјекти, јавни институции и општини може да аплицираат за новата кредитна линија во износ од 75 милиони евра во рамки на регионалната Програма за енергетска ефикасност за Западен Балкан на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Од нив во Македонија од декември преку Охридска банка веќе се достапни 6 милиони евра, а од крајот на идниот месец и дополнителни 3 милиони евра. Досега до банката се поднесени една апликација и четири барањa од приватни субјекти.

Токму промоцијата на новата кредитна линија и изработката на акциски план за поголема вклученост на македонските компании за аплицирање за достапните средства за финансирање проекти за енергетската ефикасност и обновливи извори на енергија беа тема на денешната средба на министерот за економија Ваљон Сарачини со директорката на Канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во Македонија, Анка Јоана Јонеску.

„Од следната недела Министерството за економија во соработка со ЕБОР почнува со директна комуникација и директни средби прво пред стопанските комори пред кои ќе се презентираат кредитните линии. Потоа ќе има презентации во повеќе градови во внатрешноста и средби со ЗЕЛС и градоначалниците каде ќе се презентираат проекти за кои може да аплицираат“, рече Сарачини по средбата.

Тој посочи дека цел е да се анимираат повеќе фирми од приватниот сектор, но и јавни институции и општини за да може да ги користат кредитните линии за инвестиции во енергетска ефикасност.

„Максималниот износ на една кредитна линија е до 2 милиони евра за приватниот сектор, но за секоја успешна апликација се доделува и грант во вредност од 5 до 10 проценти од инвестицијата. Истото се однесува и за општините, но ним им се доделува грант во износ од 10 до 15 отсто“, појасни Сарачини.

Директорката Јонеску информира дека од претходната кредитна линија во Македонија се поддржани 38 проекти во вкупна вредност од 12 милиони евра. Од нив 18 пректи се во областа на енергетската ефикасност, 16 од обновливите извори на енергија и четири комбинирани проекти од областа на енергетиката.