Врвниот кардиохирург Антонино Маруло од Италија, со богато искуство во повеќе светски реномирани болници за кардиохирургија, ќе биде дел од тимот на новоформираната ЈЗУ Универзитетска клиника за државна кардиохирургија.
Маруло е хируршки експерт во кардиохирургија за возрасни, коронарна кардиохирургија, валвуларна хирургија, хирургија на аорта и на срцеви мани, вклучувајќи и трансплантација на срце.
Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров кој рече дека кардиохируршкиот тим ќе го сочинуваат од пет до седум кардиохирурзи, од кои четворица се врвни кардиохирурзи од странство и другите се доктори од Македонија обучени во оваа област (д-р Сашко Јовев-кардиохирург, Димче Славески-кардиоанестезиолог, како и други Македонци кои со години работеле кардиохирургија дел во приватни здравствени установи во Македонија и во странство).
„Првата кардиохируршка интервенција се планира да се изведе кон крајот на март годинава. Предвидуваме да има уште еден тим кој постојано ќе доаѓа од една болница од Швајцарија, кој исто така ќе престојува во Македонија за изведување на интервенциите“, посочи Тодоров.
Истакна дека Маруло работел на Клиниката Кливленд во САД, која е врвна здравствена установа во оваа област во Америка.
„Од особено значење е и неговото долгогодишно искуство на Универзитетот во Лакила, Италија и во повеќе европски универзитети каде работи како асистент-професор по кардиохирургија, како што е Универзитетот во Сиена, Универзитетот во Лече, Универзитетот Сапиенца во Рим. Работел како педијатриски кардиохирург во Детската болница Алдер Хеј во Ливерпул, како кардиохирург за возрасни во Универзитетската болница во Велс, и како консултант хирург на кардиохируршкиот центар во Саудиска Арабија“, посочи Тодоров.
Додаде дека кардиохирургот Маруло ќе биде ангажиран со полно работно време (засега има потпишано едногодишен договор) и во тој период ќе работи како дел од македонскиот кардиохируршки тим.
Кардиохирургот Антонино Маруло изрази задоволство што е дел од тимот на Државна кардиохирургија. Истакна дека најважно поради што е во Македонија е проект за кардиохирургија како и проектот за одржување специјализации.
„Ми претставува голема чест да го одржувам овој голем ентузијазам. Ќе дадам се од себе овој проект да се одвива како што треба“, истакна Маруло.
Oдговарајќи на новинарско прашање рече дека има изведено повеќе од 800 операции на отворено срце.
Mинистерот Тодоров одговарајќи на новинарско прашање рече дека целиот буџет за проектот за кардиохирургија не само за плата, ќе биде 15 милиони денари годишно, во делот од Министерството за здравство и ќе има предвидено буџет за 50 кардиохируршки интервенции односно 40 милиони денари за оваа година од Фондот за здравствено осигурување на Македонија.
„Ќе почнеме и програма за специјализација по кардиохирургија на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“. Планираме во првата година да имаме 10 специјализанти. Пет веќе се запишани, а очекуваме да има дополнителни пет специјализанти. Очекуваме во период од пет или шест години да можеме да ги продуцираме првите десетина македонски кардиохирурзи излезени од Државната кардиохирургија во Македонија“, додаде Тодоров.