Фирмите поедноставно и поефикасно ќе ги поднесуваат годишните сметки до Централниот регистар на Република Македонија преку новиот електронски систем што денеска беше презентиран пред бизнис заедницата и сметководителите.
Системот ќе почне да се применува со доставување на годишните сметки за 2013 година, за што крајниот рок е продолжен до 15 март. Од годинава обврска е за големите и средните претпријатија, чија бројка е околу 1000.
Според премиерот Никола Груевски, оваа мерка е уште еден чекор за олеснување на деловното работење на фирмите во Република Македонија.
– Успеавме да докажеме дека регистрирањето фирма не мора да биде за 48 дена, туку дека може да биде и за четири часа. Успеавме да докажеме дека шалтерите и хартијата во многу случаи можат да се заменат со електронско комуницирање, успеавме да докажеме дека многу административни бариери кои ги мачеле фирмите во минатото, да се скратат или воопшто да не постојат, докажавме дека граѓаните не мора да чекаат по шалтери за разни документи, туку дека институциите може да се поврзат и да користат меѓусебни електронски бази на податоци за вадење документи, истакна премиерот.
Посочи на мерките што се преземени како воведениот Регистар на задолжници, издавање електронски потврди, како и воведените регистрациски агенти.
– Сите овие проекти освен што директно влијаат за подобрување на бизнис климата во земјата постојано ги подобруваат и оценките на Република Македонија во извештајот Дуинг бизнис, но и во голем број други извештаи, статистики и рангирања. Тоа не останува незабележано од странските инвеститори и дополнотелно го подгрева интересот за земјата како атрактивна бизнис дестинација. Секој ваков чекор е камче повеќе во мозаикот на сликата за Македонија како одлична дестинација за правење бизнис, потенцира премиерот Груевски на презентацијата.
Директорот на Централниот регистар на Република Македонија Ванчо Костадиновски посочи дека улогата на Регистарот е реформаторска и оти овој систем е во насока на подобрување на условите за водење бизнис.
Новиот систем ќе им овозможи на сметководителите да ги намалат бројот на потребните чекори за поднесување годишна сметка на фирмите. Сметковителите ќе добијат повеќе време за составување на годишните сметки, ќе се надмине потребата од поседување двојни дигитални сертификати, ќе се избегно двојно изготвување на сметките, како и групно плаќање на сметките.
Сметководителите се задоволни од воведувањето на системот, како и од можноста годинава паралелено да се користи и системот на доставување годишна сметка и во хартиена форма.
Драги Митковски, претседател на Сметководствената комора при Сојузот на стопански комори на Македонија изрази благодарност и за продолжениот рок за поднесување на електронските годишни сметки до 15 март. Оние во хартиена форма ќе се доставуваат до крајот на февруари.
Централниот регистар очекува да бидат доставени годишни сметки од околу 100 илјади правни субјекти.