Во текот на 4-тата недела од 2014 година (од 20.01.2014 – 26.01.2014 година), 27 од 31 извештајна единица во Република Македонија испратија групни пријави со заболени од грип, со вкупен број на заболени од 2.090 (МБ 10,2/10.000).
Во споредба со бројот на заболени во 4-тата недела од минатата сезона (1.715), се бележи зголемување за 21,9%, а во однос на епидемискиот праг (просечниот број на заболени за оваа иста недела во изминатиот 10-годишен период, кој изнесува 1.079), се регистрира зголемување за 93,7%.
Вкупниот број на заболени од грип во републиката од почетокот на сезоната 2013/2014 (40 недела, 2013) заклучно со 4-тата недела од 2014 година, изнесува 5.428 (МБ 26,4/10.000). Во овој период регистрирани се два смртни случаи асоцирани со инфекција со вирусот на грип. Во 4-тата недела, регистриран е еден смртен случај, кај маж на 82-годишна возраст, кој на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби е донесен во тешка состојба и без свест, со историја на хронични болести (срцева слабост, дијабетес, цереброваскуларни инсулти) и кај кој лабораториски е потврдена инфекција со вирусот на инфлуенца А/H3N2.
Во споредба со истиот период минатата година (3.474 заболени), постои зголемување на вкупниот број на пријавени случаи за 56.2%, а во однос на просекот за 10-годишниот период (4.828) се регистрира зголемување за 12,4%.
Заболени лица за целата оваа сезона се пријавени од сите извештајни единици, но во 7 единици бројот на регистрирани заболени лица е помал од 10.
Дистрибуцијата на заболените од грип по месеци, прикажана на Графикон 2, укажува на тоа дека во месец јануари пријавени се најголем број на случаи со симптоми на грип – 4.451 или 82% од вкупниот број на заболени во целата сезона 2013/2014. Во месец декември, регистрирани се 606 случаи или 11,2%.
Најголем број на заболени во оваа сезона се регистрирани на територијата на ЦЈЗ Куманово – 846 и ЦЈЗ Скопје со 841 заболен, а најголем МБ (178,4/10.000) е регистриран во ПЕ Кавадарци.
Најголем број на заболени се пријавени во возрасната група која опфаќа најголем дел од населението (од 15-64 години) со 3.554 случаи (65,5%), а најголем МБ (51,4/10.000) е регистриран кај најмладите – децата до 4-годишна возраст.
Во текот на 4-тата недела од 2014, до вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РМ пристигнати се 14 материјали за тестирање на грип, од кои 10 биле позитивни и тоа: 5 се позитивни на вирусот на инфлуенца А/H3N2, 2 се нетипизирани инфлуенца А вируси, а 3 материјали се потврден како инфлуенца тип Б.
Од почетокот на сезоната 2013/2014, во оваа лабораторија се пристигнати вкупно 62 хумани материјали од здравствените установи – од амбулантски и болнички лекувани пациенти, од кои 29 или 46,8% биле позитивни на вирусот на инфлуенца.
Од позитивните, 24 материјали се конфирмирани како инфлуенца А (82,8%), а кај 5 е докажано присуство на инфлуенца Б вирусот (17,2%). Од инфлуенца А позитивните, 6 или 25% се конфирмирани како инфлуенца А/H1, 12 материјали се позитивни на инфлуенца А/H3N2 (50%), а 6 се нетипизирани инфлуенца А вируси (25%).