Средба на министерот Попоски со неговиот бугарски колега Вигенин во Софија

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, денеска, престојуваше во работна посета на Република Бугарија, каде што оствари средба со неговиот хомолог, министерот за надворешни работи на Република Бугарија, Кристиан Вигенин.

На средбата, двајцата министри се осврнаа на актуелните билатерални прашања, состојбите во регионот и можностите за продлабочување и унапредување на односите, преку реализирање на конкретни договорни проекти што се од интерес на граѓаните на Република Македонија и Република Бугарија.

Акцент беше ставен врз европската перспектива на регионот, која може да биде реалност само преку отворен дијалог и соработка, меѓусебно почитување и фокус на взаемниот интерес.

Министерот Попоски, потоа одржа средба со Комисијата за пријателство со Република Македонија на Собранието на Република Бугарија, на која се разговараше за продлабочување и унапредување на соработката меѓу двете држави на парламентарно ниво.

Во рамки на средбите беа реафирмирани иницираните активности од сите области на соработка меѓу двете земји, особено Коридорот 8, по потпишувањето на Протоколот меѓу министрите за транспорт на двете држави, потоа отворање гранични премини и одржување на претстојниот Бизнис форум, наредната година во Република Македонија. Кон остварување на заедничките проекти, особен придонес дадоа скорешните интензивни контакти на ресорните министри на Република Македонија и Република Бугарија.

За време на посетата министерот Никола Попоски одржа предавање пред Дипломатската академија при Министерството за надворешни работи на Република Бугарија на тема: Пред и по пристапувањето, научени лекции и добрите практики за земјите кандидати за членство во ЕУ.