Женскиот Центар „Бисера“ денес испрати допис со кој ја поздравува и поддржува иницијативата на Општина Охрид и неодамнешното потпишување на Меморандум со кој Локалната самоуправа се обврза на еднократна парична помош од по 5000 денари за секое прво и второ родено бебе во семејството, чии што родители имаат постојано жителство во општина Охрид. Оваа стимулација е во насока на зголемување на наталитетот во општината и државата.
„Женскиот центар „Бисера“ ја поздравува иницијативата на Локалната и потпишувањето на меморандум за паричниот надоместок на секое новородено бебе, како стимулација за зголемување на наталитетот на град Охрид и Република Македонија.
Женскиот центар „Бисера“ веќе подолг период е загрижен за состојбата околу намалување на наталитетот во Охрид, и затоа во годишната програма се – планирани активности за подигање на свеста кај младите за пораст на повеќедетни семејства.
Ги поздравуваме сите иницијативи кои се во интерес на жената и семејството како основна клетка на општеството.“ – стои во дописот од Женскиот Центар „Бисера“.