СДСМ: Она што се случува во манастирскиот комплекс Св.Наум е само резултат на незаконското работење на државните институции на ДПМНЕ

Последниве неколку месеци сведоци сме на уште едно еклатантно непочитување на пра вата на одредени жители во Општина Охрид и нивно обесправување, како последица на незаконското делување на одредени државни институции од власта на ДПМНЕ. Она што се случува во манастирскиот комплекс Св. Наум, со насилното отстранување на времените објекти, со едностраното укинување на стекнатите права на жителите од с. Љубаништа, со бесправната сеча на дрвјата и со незаконската изградба и поставување на нови градежни и времени објекти, е само резултат на несовесното, недомаќинско и, пред се‘, незаконско работење на државните институции на ДПМНЕ. Вака обвини на денешната прес конференција  портпаролот на ОО на СДСМ Охрид, Александар Кузески.

„Kомисијата за денационализација дури во три наврати, во спротивност со законските одредби од Законот за денационализација, со решенијата ДН. бр. 19-620/03 од 2008 ; ДН. бр. 19-620/03-2 од 2009 и ДН. бр. 19-620/03-4 од 2011, и ја одзема сопственоста на Република Македонија на над 3 илјади хектари земјиште, што е дел од Националниот парк Галичица. Тоа е спротивно на одредбите од Законот за денационализација, каде што во член 7 меѓу другото стои дека предмет на денационализација не се природни реткости определени со закон, како и член 10 од истиот закон во кој се вели дека не се враќа во сопственост, а се дава надомест за имот кој со одземањето станал добро во општа употреба, каков што е туристичкиот комплекс Свети Наум. Националниот парк Галичица претставува токму такво јавно добро, заштитено со закон, чии граници се утврдени со посебни законски прописи0.“ – истакна Кузески.

Со оглед на фактот што наведените решенија биле чувани во тајност, како што посочи Кузески,било оневозможено правно да се заштити имотот на државата.

„Селективното спроведување и примена на законите стана заштитен знак на оваа власт, која никогаш не водела сметка да ги заштити правата на сопствените граѓани и сопствената држава. За да е трагедијата уште поголема, дел од тоа исто земјиште сега е предмет на препирки и расправии помеѓу црквата и власта, затоа што е зафатено од т.н. развојна туристичка зона, што треба да му биде дадена на располагање на белосветскиот измамник од индиско потекло, на кого му е забрането да ја напушта сопствената држава – уште една авантура на власта, со несогледиви тешки последици и штети кон сопствената земја и сопствениот народ.“ – рече Кузески.

Портпаролот Кузески истакна дека случувањата во манастирскиот комплекс „Свети Наум“ се случувале без знаење и согласност на жителите од Општина Охрид.

„Нема валиден детален урбанистички план, нема план за урбана опрема, нема согласности и одобренија за градба, нема одобренија за сеча на дрвјата, нема решение за отстранување на времени објекти, нема плаќање данок за високите приходи од кирија за објектите. Наместо сами да одлучуваат за својата судбина, селективното и неуставно спроведување на законите од страна на ДПМНЕ ги стави жителите од Општина Охрид, а пред се‘ од с. Љубаништа, во пониска, подредена положба, како граѓани од некоја подолна класа, или каста, доколку се користи националната терминологија од Субрата Рој – големиот пријател на власта од ДПМНЕ.“ – додаде Кузески.