Кривична пријава за лице од Дебар поради фалсификување на потписи

Поради постоење основи на сомнение за сторени казнени дела „Злоупотреба на службена положба и овластување“ и „Фалсификување или уништување деловни книги“, полициската станица од Дебар против И.И.(38) од Центар Жупа поднесе кривична пријава.

Пријавениот, искористувајќи ја својата положба директор на земјоделската задруга „Нов живот“ од центар Жупа како и овластувањата што ги имал, извршил фалсификување на потписи на доверители-членови на задругата, изготвил и заверил записник за одржан состанок на собранието на задругата со наводно донесени одлуки, употребувајќи ги потоа како вистинити.

Внесувајќи лажни податоци, пријавениот И.И. во записникот и одлуките навел дека шест членови-доверители му ги отстапиле уделите односно оснивачкиот влог во задругата. Со таа незаконска активност, тој станал доминантен сопственик на задругата стекнувајќи противправна имотна корист од 132.849,оо денари. Тоа го направил иако знаел дека четири лица од шесте кои наводно му ги отстапиле своите удели, веќе биле починати.

Врз основа на записникот за одржан состанок на собранието на задругата со наводно донесените одлуки, пријавениот извршил упис во судскиот регистар во Основниот суд Скопје 1.

И.И. е лице против кого полициската станица од Дебар, за слични казнени дела и досега поднесувала кривични пријави.